Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЕНОХ

„Му угодил на Бог“

„Му угодил на Бог“

ЕНОХ имал долг живот. Звучи неверојатно, но овој човек живеел околу 365 години, што би било четири пати повеќе од еден долг животен век во наше време! Но, не бил стар — барем не во споредба со тогашните луѓе. Во тоа време, пред околу 50 века, луѓето живееле многу подолго. Првиот човек, Адам, имал над 600 години кога се родил Енох, и живеел уште три века! Некои потомци на Адам живееле дури и подолго. Според тоа, иако имал 365 години, Енох веројатно сѐ уште бил витален. Може да се каже дека животот бил пред него. Но, дали живеел уште долго?

Најверојатно Енох бил во смртна опасност. Замисли си го како бега не можејќи да ги тргне од мислите гневните лица на луѓето на кои неодамна им објавил порака од Бог. Овие луѓе не можеле да го смислат. Ја презирале неговата порака и од дното на душата го мразеле Богот што му ја дал таа порака. Не можеле да удрат на Бог, но можеле на Енох! Во тие моменти, тој можеби се прашувал дали некогаш повторно ќе си го види семејството. Дали бил загрижен за жена му и ќерките, за син му Метузалем или за внук му Ламех? (1. Мојсеева 5:21-23, 25). Дали ова биле последните мигови од неговиот живот?

Библијата не ни открива многу за Енох. Спомнат е само на три места (1. Мојсеева 5:21-24; Евреите 11:5; Јуда 14, 15). Сепак, дури и тоа е доволно за да сфатиме дека овој човек имал силна вера. Ако имаш семејство или ако некогаш ти било тешко да се заземеш за она што знаеш дека е исправно, можеш многу да научиш од верата на Енох.

„ЕНОХ ОДЕШЕ СО ВИСТИНСКИОТ БОГ“

Човештвото било многу расипано во времето на Енох. Тој бил седмиот во семејната лоза на Адам. Физички, луѓето биле многу поблизу до совршенството што Адам и Ева го изгубиле. Затоа живееле толку долго. Но, морално и духовно биле во бедна состојба. Насилството станало секојдневие. Сѐ почнало во второто поколение од Адам, кога Каин го убил својот брат Авел. Еден од потомците на Каин бил уште понасилен и поодмаздољубив од него, а изгледа дека дури и се гордеел со тоа! За време на третото поколение од Адам, луѓето почнале да прават нешто многу одвратно — да го повикуваат името на Јехова, но без трошка почит. Очигледно, тие го користеле Божјето свето име на погрден и срамен начин (1. Мојсеева 4:8, 23-26).

Во времето на Енох, ваквата изопачена религија најверојатно зела силен замав. Додека растел, морал да донесе одлука — да се претопи во средината или да го бара вистинскиот Бог, Јехова, кој ги создал небото и земјата. Сигурно бил длабоко трогнат кога чул за Авел, кој бил сурово убиен само затоа што му служел на Јехова на исправен начин. Енох се угледал на Авел. Во 1. Мојсеева 5:22 читаме дека „Енох одеше со вистинскиот Бог“. Ова ни покажува дека, иако живеел во безбожен свет, цврсто се држел за Бог. Тој е првиот човек за кого Библијата дава ваков опис.

Истиот стих ни открива дека тој продолжил да оди со Јехова и откако станал семеен човек. На околу 65 години, на Енох му се родил Метузалем, а имал и други деца. Ако еден татко сака да оди со Бог, треба да се грижи за своето семејство онака како што Бог бара од него. Енох знаел дека Јехова очекува да ѝ биде верен на жена му (1. Мојсеева 2:24). Освен тоа, сигурно дал сѐ од себе за да ги поучи своите деца за Јехова. Дали ова дало некакви резултати?

Светото Писмо не дава директен одговор на ова прашање. Не ни кажува ништо за верата на неговиот син, Метузалем, кој според Библијата имал најдолг животен век. Тој умрел истата година кога дошол Потопот. Меѓутоа, Метузалем имал син по име Ламех. Животниот век на Ламех и на дедо му Енох се преклопувале во период од еден век. Ламех покажал извонредна вера. Преку него Јехова дал пророштво за неговиот син, Ное, кое се исполнило после Потопот. За Ное се вели дека одел со Бог, исто како неговиот прадедо Енох. Ное и Енох не се знаеле. Но Енох оставил прекрасен пример. Ное можел да учи за него од татко му, Ламех, од својот дедо Метузалем па дури и од Јаред, татко му на Енох, кој умрел кога Ное имал 366 години (1. Мојсеева 5:25-29; 6:9; 9:1).

Колку биле различни Енох и Адам! Иако Адам бил совршен, му згрешил на Јехова и за своите потомци останал запаметен како бунтовник кој им донел само беда. Иако Енох бил несовршен, одел со Бог и останал запаметен по својата вера. Адам умрел кога Енох имал 308 години. Не знаеме дали семејството на Адам жалело по својот себичен татко. Како и да е, „за сето тоа време Енох одеше со вистинскиот Бог“ (1. Мојсеева 5:24).

Ако имаш семејство, можеш многу да научиш од верата на Енох. Иако е многу важно да се грижиш за нивните физички потреби, најважно е да се грижиш за нивните духовни потреби (1. Тимотеј 5:8). Тоа ќе го постигнеш не само со она што го велиш туку и со она што го правиш. Ако по примерот на Енох одиш со Бог така што ги следиш неговите начела во животот, и ти ќе му оставиш на семејството извонреден пример — пример на кој може да се угледаат.

„ЗА НИВ ПРОРОКУВАШЕ И ЕНОХ“

Енох можеби се чувствувал осамен меѓу толку безбожни луѓе. Но, неговиот Бог, Јехова, го забележал. Еден ден, Бог му дал на овој верен слуга порака што требало да им ја пренесе на луѓето во тоа време. Така Енох станал прв пророк чија порака е откриена во Библијата. За ова знаеме затоа што многу векови подоцна Јуда, братот на Исус, ги запишал пророчките зборови на Енох под водство на Божјиот дух. *

Што прорекол Енох? „Еве, Јехова дојде со своите десетици илјади свети ангели, за да им суди на сите, и да ги осуди сите безбожници за сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и за сите дрски зборови што безбожните грешници ги изговорија против него“ (Јуда 14, 15). Можеби забележа дека Енох зборувал во минато време, како Бог веќе да го исполнил ова пророштво. Така се изразувале и многу пророци после него. Зошто? Исполнувањето на пророштвото било толку сигурно што пророците можеле да се изразат како веќе да се случило (Исаија 46:10).

Енох бестрашно објавувал порака од Бог на еден безбожен свет

Енох го објавувал ова предупредување, можеби така што се трудел да му проповеда на секого. Што мислиш, како му било додека го правел тоа? Пораката била многу директна — зборот безбожен е спомнат четири пати за да ги осуди луѓето, нивните дела и начинот на кој ги вршеле овие дела. Пророштвото било предупредување до сите луѓе дека светот што го изградиле после протерувањето од Еден е расипан до срж. Јехова рекол дека ќе дојде со моќна војска од „десетици илјади свети ангели“ за да го уништи тој свет. Енох бестрашно го објавувал ова предупредување од Бог, и тоа сам! Дали младиот Ламех бил одушевен од храброста на дедо му? Ако да, имал и зошто.

Верата на Енох може да нѐ поттикне да се прашаме дали на денешниов свет гледаме како што Бог гледа на него. Осудата што храбро ја објавувал подеднакво важи денес како што важела и за светот од негово време. Ова предупредување се исполнило кога Јехова ги казнил со Потоп безбожните луѓе од времето на Ное. Но тоа било само претслика за едно поголемо уништување што допрва претстои (Матеј 24:38, 39; 2. Петрово 2:4-6). И денес, Бог е спремен со своите десетици илјади свети ангели да изврши праведна пресуда на овој безбожен свет. Секој од нас треба сериозно да го сфати предупредувањето на Енох и да им го пренесе на другите. Можеби семејството и пријателите нема да нѐ поддржуваат. Понекогаш можеби ќе се чувствуваме сами. Но, Јехова никогаш не го напуштил Енох, а нема да ги напушти ни своите верни слуги денес!

„ПРЕНЕСЕН ЗА ДА НЕ ВИДИ СМРТ“

Како завршил животот на Енох? Смртта на Енох е уште позагадочна и поневообичаена од неговиот живот. Во 1. Мојсеева 5:24 пишува: „И за сето тоа време Енох одеше со вистинскиот Бог. Потоа го снема, бидејќи Бог го зеде“. Како Бог го зел Енох? Подоцна, апостол Павле објаснил: „Со вера Енох беше пренесен за да не види смрт, и не можеше да се најде, бидејќи Бог го пренесе. А пред да биде пренесен, го прими сведоштвото дека му угодил на Бог“ (Евреите 11:5). Што мислел Павле кога напишал „пренесен за да не види смрт“? Во некои библиски преводи пишува дека Бог го зел Енох на небото. Но, такво нешто не е можно. Библијата покажува дека Исус Христос бил првиот што воскреснал на небото (Јован 3:13).

Тогаш, во која смисла Енох бил „пренесен“ за да не види смрт? Најверојатно, Јехова го пренел Енох од живот во смрт без да почувствува смртни болки. Но пред тоа, Енох примил сведоштво дека му угодил на Бог. Како? Непосредно пред да умре, Енох можеби добил видение од Бог во кое го видел рајот на Земјата. Така, уверен дека Јехова е задоволен со него, тој заспал во смртен сон. Во врска со Енох и со другите верни мажи и жени, апостол Павле напишал: „Сите овие умреа во вера“ (Евреите 11:13). Веројатно непријателите подоцна го барале неговото тело, но не можеле да го најдат, можеби затоа што Јехова направил да исчезне за да не го сквернават или да не го користат при лажно обожавање. *

Имајќи го на ум ова библиско објаснување, да си замислиме како можеби завршил животот на Енох. Да речеме дека се случило следново: Енох бега и веќе е на крај на силите. Луѓето што го гонат вријат од бес поради неговата порака на осуда. Енох успева да се скрие за да одмори малку, но знае дека нема кај да бега. Јасно е дека за кратко ќе се соочи со сурова смрт. Додека се одмора, му се моли на Бог. Тогаш го обзема чувство на мир. Пред него се јавува видение. Толку е реално што мисли дека навистина се случува. Со мислите отпатувал многу далеку.

Ако не го зел Јехова, Енох најверојатно ќе бил сурово убиен

Замисли си како пред него се отвора глетка од еден свет што е потполно различен од оној што го знае. Му се чини убав како рајската градина, но овој пат ги нема херувимите да ги спречуваат луѓето да влезат. Пред него гледа мноштво мажи и жени — сите здрави, млади и полни со сила. Меѓу нив владее мир. Нема ни трага од омразата или религиозното прогонство што ги доживувал тој. Може да ги осети Јеховината утеха, љубов и одобрување. Сигурен е дека тука припаѓа, дека тоа ќе биде негов дом. Чувствува сѐ поголем мир и во еден момент ги затвора очите и тоне во длабок смртен сон.

Енох сѐ уште почива на сигурно — во безграничното сеќавање на Јехова Бог. Како што ветил Исус, ќе дојде ден кога сите што се во Божјето сеќавање ќе го чујат неговиот глас и ќе воскреснат во прекрасен нов свет во кој ќе владее мир (Јован 5:28, 29).

Би сакал ли и ти да бидеш таму? Колку возбудливо ќе биде да го запознаеш Енох. Замисли си што сѐ ќе дознаеме од него! Тогаш ќе може да ни каже дали нашето замислено сценарио за последните мигови од неговиот живот е близу до вистината. Но, неопходно е уште сега да научиме нешто многу важно од него. Откако зборувал за Енох, Павле рекол: „А без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евреите 11:6). Зарем тоа не е силна причина да се угледаме на непоколебливата вера на Енох?

^ пас. 14 Некои библиски изучувачи тврдат дека Јуда цитирал од апокрифната книга Енох. Меѓутоа, станува збор за книга со непознато потекло полна со измислени приказни кои погрешно му се припишуваат на Енох. Таа го содржи пророштвото на Енох, но можеби писателот на оваа книга го зел овој цитат од древен извор за кој не се знае — пишан документ или усно предание. Јуда можеби го користел истиот древен извор, или дознал за Енох од Исус, кој живеел на небото како духовно суштество во времето на Енох.

^ пас. 20 Веројатно Бог направил да исчезнат и телата на Мојсеј и на Исус од истите причини (5. Мојсеева 34:5, 6; Лука 24:3-6; Јуда 9).