Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ако мојот родител е зависник?

Што ако мојот родител е зависник?

ПОГЛАВЈЕ 23

Што ако мојот родител е зависник?

„Тато рече дека ќе излезе да го носи комбето на поправка, но цел ден го немаше. Мама се обиде да го добие на мобилниот, ама тој не одговараше. По некое време, забележав дека мама е загрижена и дека се подготвува да излезе. ‚Одам да видам како е татко ти‘, ми рече.

Подоцна се врати, но сама. ‚Тато не беше таму, нели?‘ ја прашав. ‚Не, не беше‘, ми рече.

Ми беше јасно дека тато пак се служи со старите трикови. И претходниот пат беше иста приказна. Знаете, татко ми е наркоман. Кога си дојде дома, јас и мама бевме на прагот на нервен слом. Утредента се однесував со него како да не постои — поради што се чувствував ужасно“ (Карен, 14).

МИЛИОНИ млади секој ден мораат да живеат со стрес затоа што еден од родителите е наркоман или алкохоличар. Ако некој од твоите родители има таква зависност, можеби чувствуваш срам, разочарување, па дури и гнев.

На пример, Мери израснала со татко кој пред другите изгледал како многу фин човек. Но, тој скришно пиел, и дома постојано ги пцуел и ги малтретирал. „Луѓето ни велеа колку сме среќни што имаме толку добар татко“, огорчено вели Мери. *

Како да издржиш ако некој од твоите родители е алкохоличар или наркоман?

Што стои зад зависноста

Најпрво, од помош ќе ти биде да дознаеш нешто повеќе за проблемот на твојот родител. „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи“, се вели во Изреки 1:5. Затоа, добро е да дознаеш што е зависност, кој станува зависник од алкохол или дрога, и зошто.

На пример, алкохоличар не е некој што само одвреме-навреме ќе се опие. Напротив, тоа е некој што веќе долго време се опива и не може да престане да пие. * Тој е преокупиран — па дури и опседнат — со алкохол, и кога ќе почне да пие, не може да се контролира колку ќе испие. Неговата зависност носи болни проблеми од кои му страдаат семејството, работата и здравјето.

Иако некои луѓе може да имаат физички предиспозиции да станат зависници од алкохол, изгледа дека се вклучени и емоционални фактори. Всушност, многу алкохоличари често имаат негативно мислење за себе (Изреки 14:13). Некои од нив пораснале со родители алкохоличари. За нив пиењето е начин на кој си ги лечат раните од детството. Истите фактори може да имаат улога и кога некој е зависник од дрога.

Се разбира, кога некој пие или се дрогира, си создава само уште повеќе проблеми — настанува уште поголема збрка во неговите мисли и емоции. Можеби затоа на татко ти му треба стручна помош за да се ослободи од зависноста.

Имај реални очекувања

Точно, тоа што ќе разбереш зошто татко ти се однесува толку лошо нема да го тргне проблемот. Сепак, ќе ти помогне да имаш малку повеќе сочувство за него.

На пример, да речеме дека татко ти си ја скршил ногата. Ќе очекуваш ли да игра фудбал со тебе? Што ако знаеш дека се повредил затоа што направил нешто неразумно? Сигурно ќе бидеш разочаран. Сепак, ќе сфатиш дека сѐ додека не зарасне повредата, татко ти не ќе може да игра фудбал со тебе. Ако го сфатиш ова, ќе имаш пореални очекувања од него.

Слично, кога родителот е алкохоличар или наркоман, тој е емоционално и ментално осакатен. Точно, сам си ја нанел „повредата“, и во право си ако си огорчен поради неговото неразумно однесување. Меѓутоа, сѐ додека не побара помош за да се излечи од зависноста, не ќе може добро да се грижи за тебе. Ако гледаш на неговата зависност како на повреда која го осакатува, ќе можеш да имаш пореални очекувања.

Што можеш да направиш

Факт е дека сѐ дури татко ти не си го среди животот, мораш да живееш со последиците од неговото однесување. Во меѓувреме, што можеш да направиш?

Не се сметај за одговорен што твојот родител е зависник. Родителот — и само тој — е одговорен за својата зависност. „Секој ќе го носи својот товар“, пишува во Галатите 6:5. Според тоа, не е твоја работа да го излечиш татко ти, ниту да го штитиш од последиците од неговата зависност. На пример, не мора да смислуваш лаги зошто не е на работа или да го легнеш на креветот кога ќе се струполи мртов пијан.

Поттикни го да побара помош. Најголемиот проблем на татко ти можеби е да си признае дека има проблем. Кога е трезен и смирен, може мајка ти и постарите деца да му кажат како се одразува неговото однесување на семејството и што треба да направи во врска со тоа.

Исто така, можеби е добро зависникот да ги напише своите одговори на следниве прашања: Што ќе се случи со мене и со моето семејство ако продолжам да пијам или да се дрогирам? Што ќе се случи ако престанам? Што морам да направам за да добијам помош?

Ако се спрема кавга, тргни се. Во Изреки 17:14 пишува: „Пред да избие караницата, оддалечи се“. Не изложувај се на ризик со тоа што ќе се вмешаш во караницата. Ако е можно, оди во својата соба или оди кај некој пријател. Кога има опасност од физичко насилство, можеби ќе треба да се побара помош.

Прифати ги своите чувства. Некои млади чувствуваат вина затоа што се огорчени на родителот кој е зависник. Сосема е разбирливо да чувствуваш извесна мера огорченост, особено ако поради својот порок, родителот не може да ти ги даде љубовта и поддршката што ти требаат. Точно, Библијата кажува дека си должен да ги почитуваш родителите (Ефешаните 6:2, 3). Но, да го „почитуваш“ родителот значи да го почитуваш неговиот авторитет, исто како што би го почитувал авторитетот на еден полицаец или судија. Меѓутоа, тоа не значи дека го одобруваш неговиот порок (Римјаните 12:9). Не значи ни дека си лоша личност затоа што го мразиш неговото пиење или дрогирање. Неоспорно е дека таквата зависност е одвратна! (Изреки 23:29-35).

Најди позитивно друштво. Кога животот дома е вистински хаос, може да изгубиш од вид што е нормално. Затоа, важно е да се дружиш со луѓе кои се во добра емоционална и духовна состојба. Членовите на христијанското собрание можат многу да те охрабрат, да ти дадат поддршка и привремено да ти го олеснат стресот што го имаш дома (Изреки 17:17). Ако се дружиш со други семејства од собранието, ќе видиш и добри примери за семеен живот и нема да ја имаш само искривената слика што ја гледаш дома.

Побарај помош. Многу ќе ти помогне ако можеш да му ги излееш своите чувства на некој зрел возрасен во кого имаш доверба. Собраниските старешини се спремни да ти помогнат кога и да ти треба. Библијата вели дека овие мажи се „како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Исаија 32:2). Затоа нека не ти биде страв ниту срам да побараш утеха или совет од нив.

Напиши кој од овие шест чекори ќе пробаш да го примениш прв. ․․․․․

Можеби не можеш да ја смениш ситуацијата дома, но можеш да го смениш начинот на кој ќе реагираш на таа ситуација. Наместо да се обидуваш да го контролираш родителот, концентрирај се на единствената личност што можеш да ја контролираш — себеси. „Работете на своето спасение“, напишал апостол Павле (Филипјаните 2:12). Тоа ќе ти помогне да бидеш оптимист, а може дури и да го поттикне твојот родител да побара помош да се излечи од својата зависност.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Што ако ти се чини дека твоите родители нон-стоп се караат? Како да се справиш со стресот?

[Фусноти]

^ Ако твојот родител е алкохоличар и те малтретира, треба да побараш помош. Зборувај со некој возрасен во кого имаш доверба. Ако си Јеховин сведок, можеш да зборуваш со некој собраниски старешина или со друг зрел христијанин.

^ Иако за зависникот се користи машки род, начелата важат и за жените.

КЛУЧЕН СТИХ

„Разбирањето го спречува човекот да се гневи“ (Изреки 19:11)

ПРЕДЛОГ

Наместо да го мразиш својот родител, мрази ги лошите работи што ги прави (Изреки 8:13; Јуда 23).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Во Библијата, зборот „почитувај“ може да значи едноставно да ги почитуваш авторитетите над тебе (Ефешаните 6:1, 2). Според тоа, ако го почитуваш родителот, тоа не значи дека секогаш го одобруваш неговото однесување.

ПЛАН!

Ако родителот почне вербално или физички да ме малтретира, ќе ․․․․․

Би можел да го охрабрам мојот родител да побара помош така што ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Зошто некои луѓе стануваат зависници од алкохол или дрога?

Зошто ти не си одговорен за зависноста на твојот родител?

Кои аспекти од твојата ситуација можеш да ги контролираш, и како?

[Истакната мисла на страница 192]

››Знам дека и во иднина можеби ќе доживеам срам од родителите, но знам и дека, ако се потпирам на Јехова, тој ќе ми даде сила да издржам‹‹ (Максвел)

[Рамка на страница 198]

Ако родителот веќе не му служи на Јехова

Што можеш да направиш ако некој од твоите родители престане да живее според библиските мерила — можеби дури и се изјасни дека повеќе не сака да биде дел од христијанското собрание?

Биди свесен дека Јехова не те обвинува тебе за постапките на твојот родител. Библијата вели: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12).

Труди се да не се споредуваш со младите што живеат во подобри околности (Галатите 5:26). Еден млад човек, чиј татко го напуштил семејството, вели: „Наместо мислите постојано да ти бидат на тоа, подобро е да размислуваш како да издржиш во твојата ситуација“.

И понатаму почитувај го своеволниот родител и, ако она што го бара од тебе не ги прекршува Божјите мерила, послушај го. Заповедта децата да ги почитуваат своите родители важи сеедно дали родителот е верник или не (Ефешаните 6:1-3). Кога ги почитуваш и ги слушаш своите родители и покрај нивните грешки, покажуваш дека го сакаш Јехова (1. Јованово 5:3).

Остани близок со христијанското собрание. Таму можеш да најдеш утеха зашто си со луѓе кои ти се како големо духовно семејство (Марко 10:30). Еден млад човек по име Дејвид се плашел дека членовите на собранието ќе ги избегнуваат него и неговото семејство затоа што татко му престанал да му служи на Јехова. Но, неговите стравови биле неосновани. „Немавме чувство дека сме отфрлени“, вели тој. „Тоа ме увери дека собранието навистина се грижи за нас.“

[Слика на страница 194]

Ако на зависноста на твојот родител гледаш како на повреда која го осакатува, ќе можеш да имаш пореални очекувања