Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде можам да најдам најдобри совети?

Каде можам да најдам најдобри совети?

Предговор

Каде можам да најдам најдобри совети?

За девојчињата

Од глава не ти излегува новиот тип во класот — толку е згоден! ‚Тој не знае ни дека постојам‘, си велиш, ‚па затоа, што има лошо да си фантазирам малку за него?‘ Освен тоа, не ти се допаѓа само тебе. Сите девојки се луди по него. Го знаеш тоа бидејќи цело време ги слушаш како зборуваат за него.

Одеднаш, тој погледнува накај тебе и ти праќа насмевка од која просто се топиш. И ти му се насмевнуваш. Полека доаѓа до тебе.

„Здраво“, ти вели малку несигурно.

„Здраво“, одговараш и ти.

„Јас сум Иван.“

„Нов си во училиштето, нели?“ ти излетува од устата.

„Да, пред некоја седмица се преселивме тука.“

Сѐ уште не ти се верува дека навистина зборуваш со Иван!

„Еј“, продолжува тој, „по часовите, правам забава кај мене. Сакаш да дојдеш?“

Тогаш се наведнува малку накај тебе и ти потшепнува.

„Само да знаеш“, вели, „моите не се дома, а ќе има и пијачка. Доаѓаш?“

Иван чека што ќе му одговориш. Секоја друга девојка од училиштето би прифатила без многу да му ја мисли!

Што ќе речеш ти?

За момчињата

Гледаш како двајца од класот доаѓаат накај тебе. Нозете ти се стресуваат, зашто веќе двапати оваа седмица пробаа да те натераат да пушиш. Ова ќе им биде третпат.

Првиот ти вели: „Пак си сам, а? Да те запознаам со еден мој другар.“ Го нагласува зборот „другар“, додека вади нешто од џебот и ја испружува раката кон тебе.

Гледаш дека меѓу палецот и показалецот држи нешто што личи на цигара. Добро знаеш за што се работи, и нозете почнуваат да ти се тресат уште посилно.

„Извини“, велиш, „ама, веќе ви кажав дека не...“

Вториот те прекинува: „Што, пак ли таа твоја религија? Па вам сѐ ви е забрането!“

„А можеби си само кукавица?“ те задева првиот.

„Не, не сум кукавица!“ собираш храброст да кажеш.

Потоа второто момче ја префрла раката околу тебе. „Ајде, земи“, ти вели со пријатен глас.

Првото момче ти ја приближува завитканата цигара до устата и ти шепнува: „Нема да кажеме на никого. Никој нема да знае“.

Што ќе направиш?

ВАКВИ работи се случуваат секој ден речиси во секој дел од светот. Но, факт е дека некои млади се подобро подготвени од другите да се справат со ваквите ситуации. Кога ќе го притиснат да запали цигара, едно момче може ќе си помисли: ‚Не сакам да попуштам, ама не можам да издржам веќе. Зошто да не им покажам на другите дека можам да бидам „нормален“?‘ Или кога некое момче ќе покани девојка да излезе со него, таа можеби ќе си помисли: ‚Баш е фин. Зошто да не можам еднаш — барем еднаш — да речам да?‘

Од друга страна, многу тинејџери се поучени цврсто да се држат за своите верувања. Како резултат на тоа — колку и да звучи чудно — тие чувствуваат помал притисок да направат нешто погрешно. Сакаш ли и ти да бидеш како нив? Еве една добра вест: Можеш! Како?

Библијата може да ти помогне со поголема самодоверба да се справиш со предизвиците што ги носи младоста. Во неа се наоѓаат најдобрите совети затоа што таа е вдахновена Реч Божја (2. Тимотеј 3:16, 17). Во кои работи може да ти помогне Библијата? Разгледај го списокот и стави до темите што особено те интересираат.

Како да се однесувам со спротивниот пол

Како да ги прифатам промените во моето тело

Како да стекнам пријатели

Како да го издржам притисокот на училиште

Како паметно да ги трошам парите

Односи со родителите

Како да си ги контролирам чувствата

Каква рекреација да изберам

Како да си го подобрам односот со Бог

Како што ќе забележиш на страници 4 и 5, овие теми се разработени во деветте дела од книгата. Кои ги штиклираше? Можеби е добро да ги проучиш прво тие делови. Библиските начела можат да ти помогнат на секое од овие подрачја во животот. Книгата што сега ја читаш ќе ти покаже како. *

Во оваа книга имаш можност да ги запишеш своите мислења. На пример, при крајот на секое поглавје има рамка со наслов „План!“ Таму ќе можеш да запишеш како планираш да го примениш она што си го прочитал во поглавјето. Прашалниците — како што е „Како против притисокот од врсниците“ на страници 132 и 133 — ќе ти помогнат добро да размислиш за проблемите со кои се соочуваш и да смислиш практични решенија. Освен тоа, на крајот од секој дел има една страница „Мојот дневник“, каде што можеш да запишеш како некој дел од материјалот се однесува на твојот живот. Исто така, низ книгата ќе најдеш и девет рамки со наслов „Да учиме од...“ Во нив се разгледани девет библиски ликови чиј пример вреди да го следиме.

Поттикот од Библијата е: „Стекни мудрост, стекни разборитост“ (Изреки 4:5). Зборовите „мудрост“ и „разборитост“ не значат само да знаеш што е исправно, а што е погрешно. Треба да гледаш на работите пошироко. На пример, ако знаеш кои се последиците од погрешното постапување, како и кои се наградите ако постапиш исправно, тоа ќе ти помогне цврсто и храбро да се спротивставиш на притисокот од врсниците.

Биди сигурен во ова: Колку и да ти се чинат тешки твоите проблеми, и многу други млади минуваат низ истото. Мнозина успеале да ги надминат тие проблеми. Можеш и ти! Добро користи ја книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2. Ќе се увериш дека Библијата ги содржи најдобрите совети што постојат!

[Фуснота]

^ Голем дел од оваа книга се темели на избрани статии од рубриката „Младите прашуваат“ која редовно излегува во списанието Разбудете се! што го издаваат Јеховините сведоци.