Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Животот ми стануваше сѐ полош

Животот ми стануваше сѐ полош
  • РОДЕН: 1952

  • ЗЕМЈА: САД

  • НЕКОГАШ: БИЛ НАСИЛЕН

МОЕТО МИНАТО:

Пораснав во Лос Анџелес (Калифорнија, САД) и живеев во различни населби кои беа познати по уличните банди и дрогата. Јас бев второто од шесте деца на моите родители.

Мајка ми уште од мали нѐ носеше во евангелистичка црква. Сепак, кога станав тинејџер, почнав да водам двоен живот. Во неделите пеев во црковниот хор, а во текот на целата седмица одев по забави, се дрогирав и вршев сексуален неморал.

Брзо избувнував и бев насилен. Користев сѐ што ми беше при рака за да победам во тепачките. Тоа што го учев во црквата воопшто не ми помагаше. Имав обичај да кажам: „Одмаздата му припаѓа на Господарот, а јас сум негов извршител!“ Додека одев во средно училиште, кон крајот на 1960-тите, им се придружив на Црните пантери, политичка и милитантна група која се бореше за човековите права. Се приклучив и на студентското здружение за човекови права. Во неколку прилики организиравме протести и привремено го спречувавме пристапот до училиштето.

Протестите не ја згаснаа мојата жед за насилство. Затоа почнав да учествувам во криминални дела поттикнати од омраза. На пример, еднаш јас и моите другари гледавме филм во кој беше прикажано како во минатото биле угнетувани африканските робови во САД. Бидејќи бевме разгневени поради тие неправди, нападнавме некои млади белци кои беа во киното. Потоа кружевме низ населбите во кои живеат белци барајќи да истепаме некого.

До времето кога имав околу 18 години, јас и моите браќа веќе бевме познати како криминалци. Често имавме проблеми со полицијата. Еден од моите помлади браќа беше дел од озлогласена банда, а и јас се дружев со нејзините членови. Животот ми стануваше сѐ полош.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Родителите на еден мој другар беа Јеховини сведоци. Тие ме поканија на состанок во Салата на Јеховините сведоци, и јас решив да отидам. Веднаш забележав дека Сведоците се многу поинакви од другите. Сите имаа Библии, и ги користеа за време на состанокот. Дури и некои млади држеа говори! Бев воодушевен кога дознав дека Бог се вика Јехова и кога видов дека го употребуваат неговото име (Псалм 83:18). Во салата имаше луѓе од различни националности, но беше очигледно дека меѓу нив нема расни поделби.

Во почетокот не сакав да ја проучувам Библијата со Сведоците, но одев на нивните состаноци. Еднаш, додека бев на состанок, некои мои другари биле на концерт. Сакале да му ја земат кожната јакна на еден тинејџер и, бидејќи тој не сакал да им ја даде, го претепале до смрт. Следниот ден се фалеа за убиството. Не покажаа ни ронка жал за она што го сторија дури ни кога беа испрашувани на суд. Повеќето од нив беа осудени на доживотен затвор. Многу ми е мило што таа вечер не бев со нив. Одлучив да направам промени во животот и да почнам да ја проучувам Библијата.

Бидејќи бев изложен на многу расни предрасуди, однесувањето на Сведоците ме воодушеви. На пример, кога еден Сведок кој беше белец требаше да оди на пат, ги остави своите деца на чување кај едно семејство црнци. Исто така, едно семејство белци примија во својот дом еден млад црнец кој немаше каде да живее. Се уверив дека Јеховините сведоци постапуваат во склад со зборовите на Исус запишани во Јован 13:35: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“. Ми стана јасно дека пронајдов вистинско братство.

Проучувајќи ја Библијата, сфатив дека треба потполно да си го сменам начинот на размислување. Не требаше само да постапувам мирољубиво туку и да бидам уверен дека тоа е најдобриот начин на живот (Римјаните 12:2). Малку по малку, успеав да направам промени кај себе. Во јануари 1974 год. станав Јеховин сведок.

Сфатив дека треба потполно да си го сменам начинот на размислување и да постапувам мирољубиво

Но, дури и откако станав Сведок мораше постојано да вложувам труд за да го контролирам мојот гнев. На пример, еднаш додека бев во служба од куќа до куќа, видов како еден човек ми го краде радиото од колата и почнав да го бркам. Кога виде дека му се приближувам, тој го фрли радиото на земја и продолжи да бега. Додека им раскажував на некои браќа и сестри за оваа случка, еден старешина ме праша: „Стивен, што ќе му направеше ако го фатеше?“ Неговото прашање ме стави на мисла и ме поттикна уште повеќе да се трудам да постапувам мирољубиво.

Од октомври 1974 год., почнав да одвојувам по 100 часови месечно за да зборувам со другите за Библијата. Подоцна имав чест да служам во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Во 1978 год., се вратив во Лос Анџелес за да се грижам за мајка ми која беше болна. По две години, стапив во брак со мојата мила жена Аронда. Таа многу ми помагаше во грижата за мајка ми. Откако мајка ми почина, јас и Аронда отидовме на Библиската школа Гилеад и бевме испратени да служиме како мисионери во Панама.

Откако станав Јеховин сведок, се соочив со многу ситуации во кои можев да избувнам. За да не се случи тоа, се трудев да се тргнам настрана од луѓето кои сакаа да ме испровоцираат или да ја смирам ситуацијата на некој друг начин. Жена ми и многу други ме пофалуваа кога гледаа дека постапувам исправно во таквите ситуации. Дури и јас бев изненаден од самиот себе! Сепак, свесен сум дека промените што ги направив не се моја заслуга. Напротив, тие се доказ дека Библијата има огромна моќ да ги менува луѓето од корен (Евреите 4:12).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Библијата ми даде смисла во животот и ме научи да бидам мирољубив. Повеќе не ги тепам луѓето, туку им помагам да се зближат со Бог. Имав прилика да ја проучувам Библијата со еден школски кој ми беше непријател во средно. Откако стана Јеховин сведок, некое време бевме цимери. До ден-денес сме добри пријатели. Во текот на изминативе години, јас и жена ми им помогнавме на повеќе од 80 лица да станат Сведоци.

Од сѐ срце сум му благодарен на Јехова затоа што ми помогна да најдам смисла во животот, да бидам среќен и да станам дел од едно меѓународно братство.