Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеме ли да му угодиме на Бог?

Можеме ли да му угодиме на Бог?

Можеби некогаш кога си читал во Библијата за луѓе кои се опишани со пофални зборови си помислил: ‚Јас не можам да бидам како нив‘ или ‚Не сум безгрешен ниту, пак, праведен и сигурно не го правам секогаш она што е исправно‘.

Јов бил „непорочен и праведен“ (Јов 1:1)

Во Библијата пишува дека Јов бил „непорочен и праведен“ човек (Јов 1:1). Исто така, Лот е наречен „праведник“ (2. Петрово 2:8). А за Давид се вели дека го правел она што е исправно во Божји очи (1. Царевите 14:8). Но, ајде малку подетално да го разгледаме животот на овие библиски ликови. Ќе видиме дека: 1) и тие правеле грешки, 2) можеме многу да научиме од нив и 3) можеме да му угодиме на Бог иако сме несовршени.

И ТИЕ ПРАВЕЛЕ ГРЕШКИ

‚Бог го избавил праведниот Лот, кој страдал поради бесрамните дела на дрските беззаконици‘ (2. Петрово 2:7)

Јов доживеал многу неволји. Поради тоа, дошол до погрешен заклучок дека на Бог не му е важно дали некој му е верен или не (Јов 9:20-22). Јов бил толку уверен во својата праведност што за оние кои го слушале изгледало дека се прави поправеден од Бог (Јов 32:1, 2; 35:1, 2).

Лот се колебал да направи нешто што требало да го стори без двоумење. Тој бил длабоко погоден од неморалот и расипаноста на луѓето кои живееле во Содом и Гомор. Нивното однесување ‚ја мачело неговата праведна душа‘ (2. Петрово 2:8). Бог објавил дека има намера да ги уништи овие злобни градови и му дал можност на Лот да се спаси заедно со своето семејство. Можеби ќе си помислиш дека овој вознемирен човек веднаш би го напуштил градот. Но, во тој важен момент, Лот почнал да одолговлекува. Ангелите кои биле испратени да ги спасат Лот и неговото семејство морале да ги фатат за раце и да ги изнесат надвор од градот (1. Мојсеева 19:15, 16).

Давид му бил оддаден на Бог со сето свое срце, правејќи го само она што е исправно (1. Царевите 14:8)

Давид во една прилика не покажал самосовладување и направил прељуба со туѓа жена. Што е уште пострашно, за да го скрие својот грев, сковал злобен план нејзиниот маж да биде убиен (2. Самоилова, поглавје 11). Во Библијата пишува дека ‚она што го направил Давид било зло во очите на Јехова‘ (2. Самоилова 11:27).

Јов, Лот и Давид направиле многу грешки, а некои од нив биле сериозни. Но, како што ќе видиме, со цело срце сакале да му служат на Бог и да му бидат послушни. Тие покажале дека се каат за грешките што ги направиле и биле спремни да се сменат. Токму затоа му биле мили на Бог и во Библијата се опишани како верни луѓе.

ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ ОД НИВ?

Бидејќи сме несовршени, постојано правиме грешки (Римјаните 3:23). Но, кога ќе згрешиме, треба да се покаеме и да сториме сѐ што можеме за да ги исправиме работите.

Што направиле Јов, Лот и Давид за да ги исправат своите грешки? Јов бил верен човек. Откако Бог зборувал со него, Јов го сменил својот погрешен начин на размислување и покажал дека навистина му е жал за непромислените зборови што ги кажал (Јов 42:6). Гледиштето што го имал Лот во врска со неморалното однесување на луѓето во Содом и Гомор било во склад со Божјите мерила. Но, проблемот е во тоа што не сфатил колку било итно да избега од градот. Сепак, на крајот Лот побегнал и се спасил. Освен тоа, ја послушал Божјата заповед да не се врти наназад. Иако направил сериозни гревови со кои го прекршил Божјиот закон, Давид покажал што се криело во неговото срце со тоа што искрено се покајал и го молел Бог да му прости (Псалм 51).

Тоа што овие мажи му биле мили на Бог покажува дека тој има разумни очекувања од несовршените луѓе. Бог „добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Со оглед на тоа што Бог знае дека сме склони да грешиме, што очекува од нас?

Бог „добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14)

КАКО МОЖАТ НЕСОВРШЕНИТЕ ЛУЃЕ ДА МУ УГОДАТ НА БОГ?

Советот што Давид му го дал на својот син Соломон ни покажува како можеме да му угодиме на Бог. Во 1. Летописи 28:9 пишува: „Сине мој Соломоне, запознај го Богот на својот татко и служи му со потполно оддадено срце“. Што значи некој да има потполно оддадено срце? Тоа значи да го сака Бог и да биде решен да ја врши неговата волја. Оној што му е потполно оддаден на Бог не е совршен, туку дава сѐ од себе да му биде послушен и спремно прифаќа совет и укор. Јов, Давид и Лот го сакале Бог и имале желба да му бидат послушни. Затоа во Библијата пишува дека Јов бил „непорочен“, дека Лот бил ‚праведен‘ и дека Давид го правел она што е исправно во Божји очи. Иако грешеле, тие успеале да му угодат на Бог.

Оној што му е потполно оддаден на Бог ја врши неговата волја и дава сѐ од себе за да му биде послушен

Затоа, ако ни се појават неисправни мисли, ако ни се случи да кажеме нешто непромислено или ако направиме нешто погрешно, примерите што ги разгледавме можат да ни помогнат да не се обесхрабриме. Бог знае дека сега не е возможно да бидеме совршени. Сепак, очекува да го сакаме и да се трудиме да му бидеме послушни. Ако му служиме на Бог со сето срце, можеме да бидеме уверени дека ќе му угодиме.