Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Разговор на библиски теми

Дали Бог ги казнува луѓето во пекол?

Дали Бог ги казнува луѓето во пекол?

ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ со задоволство разговараат со другите луѓе за Библијата. Имаш ли некое прашање за кое многу сакаш да знаеш каков одговор дава таа? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Ако е така, слободно прашај сѐ што те интересира кога ќе сретнеш некој од нив. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

Следи еден типичен разговор на Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Милан, кој е Јеховин сведок, отишол кај еден човек по име Александар.

Дали Бог ќе ги казни злобните луѓе?

Милан: Мило ми е што повторно се гледаме, Александар.

Александар: И мене.

Милан: Размислував за нешто што го спомнавте минатиот пат кога бев кај Вас.

Александар: На што мислите?

Милан: Рековте дека сте изненадени што Јеховините сведоци не веруваат во пекол.

Александар: Да, тоа е вистина. Не сфаќам како може да не верувате во пекол.

Милан: Фала што сте искрен. Ценам кога некој отворено си го кажува мислењето. Луѓето имаат различни претстави за пеколот. Во што верувате Вие?

Александар: Мое мислење е дека таму одат лошите откако ќе умрат за да бидат вечно мачени.

Милан: Така мислат и други луѓе. Извинете што ќе прашам, дали сте доживеале нешто многу болно во животот?

Александар: Да. Пред пет години ја убија сестра ми.

Милан: Навистина ми е жал. Сигурно многу Ви недостига.

Александар: Нема ден да не помислам на неа.

Милан: Ве прашав бидејќи сум увидел дека некои луѓе се прилично убедени дека постои пекол затоа што биле многу повредени од злобните постапки на другите. И вистина, секој што бил недолжна жртва на злобните луѓе сака тие да платат за своите дела.

Александар: Точно! Сакам тој што ја уби сестра ми да плати за она што ѝ го направи на нашата фамилија.

Милан: Нормално е што се чувствувате така. Библијата вели дека и Бог е гневен кога недолжни луѓе страдаат и затоа ветува дека ќе ги казни злобните. Видете што пишува во Исаија 3:11: „Тешко на злиот! Неволја ќе го снајде, зашто ќе му биде вратено според делата на неговите раце“. Значи, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ги казни злобните луѓе.

Александар: Но, како ќе ги казни кога Вие велите дека нема пекол?

Милан: Тоа е добро прашање. Едноставно кажано, Бог ќе ги казни злобните со вечно уништување. Видете што вели Библијата во 2. Солуњаните 1:9. Ќе сакате да го прочитате овој стих?

Александар: Важи. Тука пишува: „Тие ќе бидат казнети со вечно уништување и така ќе бидат оддалечени од лицето на Господарот“.

Милан: Според ова, Александар, не постои никаква надеж за злобните луѓе бидејќи Бог ги казнува со вечна смрт. Тие никогаш повторно нема да живеат.

Александар: Гледам дека така пишува, но мислам дека тоа не е фер. Сите умираат. Зар лошите луѓе не заслужуваат потешка казна?

Како ќе биде задоволена правдата?

Милан: Очигледно е дека сте човек што многу ја сака правдата.

Александар: Да, многу.

Милан: Тоа е убаво. Всушност, ние имаме чувство за добро и лошо бидејќи Бог нѐ создал со таква способност. И тој многу ја сака правдата. Но, кога верските водачи велат дека Бог ги казнува луѓето во пекол, тие оставаат слика дека Бог е многу неправеден.

Александар: Како мислите?

Милан: Да спомнеме еден пример. Познато ли Ви е што пишува во Библијата за Адам и Ева?

Александар: Да. Бог им рекол да не јадат од плодот на едно дрво, но тие не го послушале.

Милан: Точно. Да ги прочитаме заедно тие зборови во 1. Мојсеева 2:16, 17. Тука пишува: „Тогаш Јехова Бог му заповеда на човекот: ‚Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш‘“. Значи, што рекол Бог, што ќе се случело со Адам ако јадел од забранетиот плод?

Александар: Рекол дека Адам ќе умре.

Милан: Така е. Замислете, со својот грев, Адам направил секој жив човек да се роди како грешник. * Сепак, дури и во овој случај, дали Бог спомнал мачење во пекол?

Александар: Не.

Милан: И, ако Адам и Ева се наоѓале во опасност да бидат вечно мачени, зар Бог немало однапред да им го каже тоа? Така би постапил љубезно и праведно, нели?

Александар: Се разбира.

Милан: Ајде сега да видиме што им рекол Бог на Адам и Ева откако згрешиле. Ќе сакате да прочитате што пишува во 1. Мојсеева 3:19?

Александар: Тука пишува: „Во потта на своето лице ќе го јадеш својот леб додека не се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“.

Милан: Фала. Што рекол Бог, што ќе се случело со Адам?

Александар: Рекол дека Адам ќе се врател во земниот прав.

Милан: Токму така. А ако некој треба да се врати некаде, јасно е дека пред тоа бил таму, нели?

Александар: Се разбира.

Милан: А каде бил Адам пред да биде создаден?

Александар: Не постоел.

Милан: Така е. И, како што гледаме, во осудата што ја кажал Бог, воопшто не се спомнува мачење во пекол. Зар би било фер од Божја страна да му рече на Адам дека ќе се врати во земниот прав од кој бил создаден, а наместо тоа да го прати во пекол?

Александар: Не, тоа не би било фер.

Дали Ѓаволот ја извршува Божјата волја?

Милан: Има уште една работа во врска со учењето за пекол што можеби вреди да се спомне.

Александар: Ајде да чујам.

Милан: Што велат обично луѓето, кој е „главен“ во пеколот? Кој ги казнува оние што одат таму?

Александар: Ѓаволот.

Милан: Но, Ѓаволот е најголемиот непријател на Бог. Ако Бог ги праќа луѓето во пекол за да ги мачи Ѓаволот, зар тоа не би значело дека Бог и Ѓаволот соработуваат?

Александар: Хмм... Не сум помислил на тоа.

Милан: Да земеме еден пример. Вие сте татко, нели?

Александар: Да, имам 15-годишен син.

Милан: Замислете дека тој одеднаш станува многу непослушен. Прави работи со кои Ве разочарува. Како ќе реагирате?

Александар: Ќе го искарам за да се поправи.

Милан: Сигурно на секој можен начин ќе се трудите да го изведете на прав пат.

Александар: Апсолутно.

Милан: Да речеме дека и покрај сѐ, тој не сака да Ве послуша. На крајот, сфаќате дека не Ви преостанува ништо друго освен да го казните.

Александар: Се разбира.

Милан: Ама, како би се чувствувале ако дознаете дека некој злобен човек влијаел врз Вашиот син и го учел да ги прави тие лоши работи?

Александар: Тоа страшно би ме налутило.

Милан: И сега доаѓаме до поентата. Свесни дека еден зол човек без никаков морал го свртел Вашиот син против Вас, дали ќе го замолите токму тој човек да Ви го казни синот?

Александар: Нормално дека не. Тоа нема логика.

Милан: Тогаш, има ли логика Бог да го замоли Сатана Ѓаволот — оној што врши влијание врз злобните луѓе — да ги казнува истите тие луѓе?

Александар: По сѐ изгледа, не.

Милан: Освен тоа, ако Бог сакал злобните да бидат казнети, зошто Ѓаволот — главниот непријател на Бог — би ја исполнил желбата на Бог и би ги мачел?

Александар: На тоа воопшто не сум помислил!

Јехова ќе му стави крај на сето зло

Милан: Сепак, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе преземе нешто против злобните што не сакаат да се поправат. Би сакал да Ви покажам само уште еден стих што јасно го потврдува тоа. Може ли да прочитате во Псалм 37:9?

Александар: Нема проблем. „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата.“

Милан: Фала. Забележавте ли што ќе им направи Јехова Бог на оние што прават зло?

Александар: Тука пишува дека Бог ќе ги истреби.

Милан: Точно. Со други зборови, засекогаш ќе ги уништи. Но, добрите луѓе — „оние што се надеваат на Јехова“ — ќе останат да живеат вечно овде на Земјата. Се разбира, ова отвора некои нови прашања. На пример, зошто Бог не ги спречува луѓето да прават лоши работи? И, ако има намера да ги казни злобните, зошто тоа не го направил до сега?

Александар: Интересно.

Милан: Можам да Ви покажам каков одговор дава Библијата следниот пат кога ќе дојдам. *

Александар: Важи, ќе Ве чекам.

^ пас. 35 Прочитај во Римјаните 5:12.

^ пас. 79 Нешто повеќе можеш да прочиташ во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.