Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ни откриле пророците за Бог

Што ни откриле пророците за Бог

Во минатото, Бог им пренесувал важни пораки на луѓето преку своите пророци. Дали овие пораки ни откриваат како можеме да ги добиеме благословите од Бог? Да. Да видиме што можеме да дознаеме од тројца верни пророци.

АВРААМ

Бог е непристрасен и сака да ги благослови сите луѓе.

Бог му ветил на пророкот Авраам дека преку него „ќе се благословат сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 12:3).

Што учиме од ова? Бог многу нѐ сака и сака да ги благослови сите оние што му се послушни — и мажи и жени и деца.

МОЈСЕЈ

Бог е милостив и ги благословува оние што се трудат да го запознаат.

Семоќниот Бог му дал на пророкот Мојсеј моќ да прави големи чуда. Сепак, Мојсеј го молел: „Објави ми ги своите патишта за да те запознаам и да најдам милост во твои очи“ (2. Мојсеева 33:13). На Бог му било мило што Мојсеј го побарал тоа и затоа го благословил така што му помогнал уште подобро да ги разбере неговите особини и начинот на кој постапува. На пример, Мојсеј дознал дека Творецот е милосрден и сочувствителен (2. Мојсеева 34:6, 7).

Што учиме од ова? Бог сака да ги благослови сите оние што се трудат подобро да го запознаат — и мажи и жени и деца. Преку Светото писмо тој ни кажува како да му служиме. Освен тоа, ни кажува дека сака да ни покаже милост и да нѐ благослови.

ИСУС

Исус бил сочувствителен и лекувал секакви болести

Можеме да ги добиеме вечните благослови од Бог ако учиме за Исус и ако дознаеме што правел тој и за што поучувал.

Во Божјата Реч се запишани многу детали за животот на Исус и за неговите учења. Бог му дал на Исус моќ да прави голем број извонредни чуда како, на пример, да ги лекува слепите, глувите и сакатите. Тој дури и воскреснувал мртви. Чудата на Исус покажале што ќе направи Бог во иднина за целото човештво. Исус објаснил како секој од нас може да ги добие тие благослови. Во Јован 17:3 тој кажал: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“.

Исус бил сочувствителен, благ и љубезен. Многу луѓе, меѓу кои имало мажи и жени, млади и стари, доаѓале кај него бидејќи се оѕвале на неговата срдечна покана: „Учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (Матеј 11:29). За разлика од другите во негово време кои постапувале лошо со жените, Исус бил љубезен и се однесувал со нив достоинствено и со почит.

Што учиме од ова? Исус покажал дека многу ги сака луѓето и ни оставил извонреден пример за тоа како треба да постапуваме еден со друг.

ИСУС НЕ Е БОГ

Од Светото писмо дознаваме дека „постои еден Бог“ и дека Исус Христос бил пророк кој понизно му служел на Бог (1. Коринќаните 8:6). Исус јасно кажал дека Бог е поголем од него и дека го испратил на Земјата (Јован 11:41, 42; 14:28). *

^ пас. 17 Нешто повеќе за Исус Христос можеш да прочиташ во 8. и 9. поглавје од брошурата Права вера у Бога — кључ за срећан живот. Освен на српски, достапна е и на многу други јазици на jw.org.