Префрли се на текстот

Дали Библијата може да ми помогне ако размислувам за самоубиство?

Дали Библијата може да ми помогне ако размислувам за самоубиство?

Што вели Библијата

 Може! Библијата ни ја дал „Бог, кој ги теши потиштените“ (2. Коринќаните 7:6). Иако Библијата не е книга за ментално здравје, таа им помогнала на многумина да ги победат своите самоубиствени мисли. Нејзините практични совети можат да ти помогнат и тебе.

 Какви практични совети има во Библијата?

  • Изрази ги своите чувства.

     Што вели Библијата: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

     Што значи ова: Потребна ни е помош од другите кога нѐ мачат негативни мисли.

     Ако никому не кажеш како се чувствуваш, ќе носиш товар кој може да стане претежок. Но, ако ги споделиш своите чувства со некого, можеби ќе се чувствуваш подобро и можеби дури ќе гледаш на ситуацијата од поинаков агол.

     Предлог: Уште денес разговарај со некого, можеби со некој член на семејството или со некој пријател во кого имаш доверба. a Можеш да ги изразиш своите чувства и така што ќе ги запишеш.

  • Побарај стручна помош.

     Што вели Библијата: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12).

     Што значи ова: Кога сме болни, треба да побараме медицинска помош.

     Самоубиствените мисли можат да бидат знак дека е нарушено менталното или емоционалното здравје. Исто како што не се срамиме од некоја физичка болест, така не треба да се срамиме ни од некоја ментална болест или од некое емоционално нарушување. Како и секоја друга болест, и тие можат да се лекуваат.

     Предлог: Побарај помош од некое стручно лице колку што е можно поскоро.

  • Не заборавај дека Бог се грижи за тебе.

     Што вели Библијата: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог... Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња!“ (Лука 12:6, 7).

     Што значи ова: Ти си скапоцен за Бог.

     Можеби мислиш дека никој не се грижи за тебе, но Бог гледа низ што минуваш. Тој се грижи за тебе дури и ако си изгубил волја за живот. Во Псалм 51:17 пишува: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“. Бог те сака! Тој сака да живееш.

     Предлог: Истражувај ги доказите од Библијата дека Бог те сака. На пример, прочитај го поглавје 24 од книгата Приближи му се на Јехова.

  • Моли му се на Бог.

     Што вели Библијата: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).

     Што значи ова: Бог сака отворено и искрено да му кажеш сѐ што те измачува.

     Бог може да ти даде и внатрешен мир и сила да истраеш (Филипјаните 4:6, 7, 13). На овој начин, тој ги поддржува оние кои искрено го молат за помош (Псалм 55:22).

     Предлог: Помоли му се на Бог уште денес. Користи го неговото име Јехова и кажи му како се чувствуваш (Псалм 83:18). Моли го да ти помогне да не се откажуваш од животот.

  • Размислувај за надежта што ни ја дава Библијата за иднината.

     Што вели Библијата: „Таа надеж ни е како сигурна и цврста котва за душата и нѐ носи зад завесата“ (Евреите 6:19).

     Што значи ова: Твоите емоции можат да бидат нестабилни како еден брод среде бура, но надежта од Библијата може да ти помогне да задржиш стабилност.

     Таа надеж не е само пуста желба туку се темели на Божјето ветување дека ќе го отстрани сето она што ни предизвикува болка (Откровение 21:4).

     Предлог: Прочитај ја лекција 5 од брошурата Добра вест од Бог! за да дознаеш нешто повеќе за надежта што ни ја дава Библијата.

  • Прави нешто во кое уживаш.

     Што вели Библијата: „Веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 17:22).

     Што значи ова: Кога правиме нешто што ни причинува радост, тоа може позитивно да влијае врз нашето ментално или емоционално здравје.

     Предлог: Прави нешто во кое обично уживаш. На пример, слушај музика што ќе те разведри, читај нешто што ќе те охрабри или најди си некое хоби. Исто така, ќе бидеш посреќен ако правиш нешто за да им помагаш на другите, дури и во мали работи (Дела 20:35).

  • Грижи се за своето физичко здравје.

     Што вели Библијата: „Телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8).

     Што значи ова: Кога вежбаме, доволно спиеме и јадеме здрава храна, тоа е корисно за нас.

     Предлог: Излези на прошетка и движи се со брзо темпо барем 15 минути.

  • Имај на ум дека чувствата и другите работи во животот се менуваат.

     Што вели Библијата: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:14).

     Што значи ова: Некој тежок проблем, па дури и оној за кој мислиш дека нема решение, може да биде само привремен.

     Колку и да ти изгледа ситуацијата црна денес, таа утре може да се смени. Затоа, барај начини да се справиш со неа (2. Коринќаните 4:8). Со текот на времето, твојата ситуација може да се промени, но ако си го одземеш животот, тоа никогаш нема да можеш да го смениш.

     Предлог: Читај библиски извештаи за луѓе кои биле толку обесхрабрени што посакувале да умрат, и забележи како нивниот живот се сменил на подобро — честопати на начин кој воопшто не го очекувале. Да разгледаме некои примери.

 Дали Библијата зборува за луѓе кои сакале да умрат?

 Да. Библијата зборува за некои луѓе кои кажале дека повеќе не им се живее. Бог не ги прекорил, туку им пружил помош. Тој може да го стори истото и за тебе.

Илија

  •  Кој бил тој? Илија бил храбар пророк. Но и тој понекогаш се чувствувал обесхрабрено. Во Библијата пишува: „Илија беше човек кој имаше исти чувства како и ние“ (Јаков 5:17, фуснота).

  •  Зошто сакал да умре? Во еден период, Илија се чувствувал осамено, исплашено и безвредно. Затоа, го преколнувал Бог: „Јехова, земи ја сега мојата душа“ (1. Царевите 19:4).

  •  Што му помогнало? Илија му кажал на Бог како се чувствува. Како тој го охрабрил? Бог му покажал дека се грижи за него и му покажал колку е моќен. Исто така, го уверил Илија дека сѐ уште му е потребен и му дал грижлив и способен помошник.

  •  Прочитај за Илија: 1. Царевите 19:2-18.

Јов

  •  Кој бил тој? Јов бил богат човек кој имал големо семејство и верно му служел на вистинскиот Бог.

  •  Зошто сакал да умре? Животот на Јов, преку ноќ се сменил на полошо. Тој го изгубил целиот свој имот. Сите негови деца загинале во една катастрофа. Се разболел од една мачна болест. И, како тоа да не било доволно, бил сурово и лажно обвинет дека самиот е виновен за неговите проблеми. Јов рекол: „Ми здодеа! Не сакам вака да живеам довека“ (Јов 7:16).

  •  Што му помогнало? Јов му се молел на Бог и зборувал со другите за своите чувства (Јов 10:1-3). Тој бил охрабрен од еден сочувствителен пријател, по име Елиу, кој му помогнал да гледа на својата ситуација од поинаков агол. Што е најважно, Јов ги прифатил советите и помошта од Бог.

  •  Прочитај за Јов: Јов 1:1-3, 13-22; 2:7; 3:1-13; 36:1-7; 38:1-3; 42:1, 2, 10-13.

Мојсеј

  •  Кој бил тој? Мојсеј бил водач на израелскиот народ во минатото и бил верен Божји пророк.

  •  Зошто сакал да умре? Мојсеј имал големи одговорности, постојано бил критикуван и се чувствувал исцрпено. Затоа, со солзи го молел Бог: „Те молам, подобро убиј ме“ (4. Мојсеева 11:11, 15).

  •  Што му помогнало? Мојсеј му кажал на Бог како се чувствува. Бог му помогнал така што му го олеснил товарот, и Мојсеј не бил повеќе под толку голем стрес.

  •  Прочитај за Мојсеј: 4. Мојсеева 11:4-6, 10-17.

a Ако твоите самоубиствени мисли се многу силни, а во близина немаш никој што би ти пружил поддршка, јави се на СОС линија за кризни состојби или повикај брза помош.