Префрли се на текстот

Што вели Библијата за природните катастрофи?

Што вели Библијата за природните катастрофи?

Што вели Библијата:

 Бог не ги предизвикува природните катастрофи што се случуваат денес, но тој е загрижен за луѓето кои се погодени од нив. Божјето Царство ќе му стави крај на сѐ што предизвикува страдања, вклучувајќи ги и природните катастрофи. Во меѓувреме, Бог им дава утеха на оние што се погодени од природни катастрофи (2. Коринќаните 1:3).

 Зошто можеме да бидеме сигурни дека природните катастрофи не се казна од Бог?

 Како што дознаваме од Библијата, во минатото Бог ги користел природните сили за да изврши некои пресуди. Но, природните катастрофи се нешто сосема поинакво.

  •   Природните катастрофи не бираат кого ќе погодат. Од друга страна, кога Бог користел природни сили за да изврши некоја пресуда, ги уништувал само злобните. На пример, кога Бог ги уништил древните градови Содом и Гомор, ги спасил добриот човек Лот и неговите две ќерки (1. Мојсеева 19:29, 30). Бог видел што има во срцето на луѓето во тоа време и ги уништил само оние што биле злобни (1. Мојсеева 18:23-32; 1. Самоилова 16:7).

  •   Природните катастрофи обично доаѓаат без никакво предупредување. За разлика од тоа, Бог ги предупредувал злобните пред да ги казни со помош на природните сили. Луѓето кои обрнувале внимание на предупредувањата имале можност да се спасат (1. Мојсеева 7:1-5; Матеј 24:38, 39).

  •   До некоја мера, луѓето придонесуваат да има природни катастрофи. Како? Со тоа што ја уништуваат природната средина и градат на места подложни на земјотреси, поплави и екстремни временски услови (Откровение 11:18). Бог не е виновен за ваквите погрешни одлуки на луѓето (Изреки 19:3).

 Дали природните катастрофи се знак дека живееме во последните денови?

 Да. Библиските пророштва укажуваат на тоа дека во текот на „свршетокот на овој поредок“, односно „последните денови“, ќе има катастрофи (Матеј 24:3; 2. Тимотеј 3:1). На пример, во врска со времето во кое живееме, Исус рекол: „Ќе има глад и земјотреси на разни места“ (Матеј 24:7). Наскоро, Бог ќе ја исчисти Земјата од сѐ што предизвикува болка и страдање, вклучувајќи ги и природните катастрофи (Откровение 21:3, 4).

 Како Бог им помага на оние што се погодени од природни катастрофи?

  •   Бог им дава утеха преку неговата Реч, Библијата. Библијата нѐ уверува дека Бог се грижи за нас и дека сочувствува со нас кога страдаме (Исаија 63:9; 1. Петрово 5:6, 7). Исто така, ни ветува дека ќе дојде време кога веќе нема да има природни катастрофи. (Види ја рамката „ Утешни библиски стихови за оние што се погодени од природни катастрофи“.)

  •   Бог им помага преку своите слуги. Бог ги поттикнува своите слуги на Земјата да го следат примерот на Исус. Било проречено дека Исус ќе ги утеши луѓето „со скршено срце“ и „сите што тагуваат“ (Исаија 61:1, 2). Божјите слуги се трудат да го прават истото (Јован 13:15).

     Бог исто така ги поттикнува своите слуги да им пружат практична помош на оние што се погодени од природни катастрофи (Дела 11:28-30; Галатите 6:10).

Јеховини сведоци пружаат практична помош после еден ураган во Порторико

 Може ли Библијата да ни помогне да се подготвиме за природни катастрофи?

 Да. Иако Библијата не е прирачник за тоа како да се подготвиме за катастрофи, таа содржи начела кои можат да ни помогнат. На пример:

  •   Однапред испланирај што би направил. Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Мудро е однапред да одлучиме што ќе правиме ако дојде до катастрофа. Во ова спаѓа да си подготвиме ранец за итен случај и да се договориме со другите од семејството каде да се најдеме ако се случи некоја катастрофа.

  •   Цени го животот повеќе од материјалните работи. Во Библијата пишува: „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме од него“ (1. Тимотеј 6:7, 8). Треба да бидеме спремни да го оставиме нашиот дом и материјалните работи што ги имаме за да се спасиме од катастрофата. Да имаме на ум дека нашиот живот е поважен од која и да било материјална работа (Матеј 6:25).