Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ ПОСТОИ ЃАВОЛ?

Дали Ѓаволот е само симбол на злото?

Дали Ѓаволот е само симбол на злото?

Лесно би можеле да заклучиме дека Ѓаволот, или Сатана, за кого читаме во Библијата, е симбол на сѐ што е зло. Но, дали тоа е точно? Ако е така, тогаш зошто во Библијата пишува дека Сатана зборувал со Исус Христос, па дури и со Семоќниот Бог? Да спомнеме два такви разговора.

ЃАВОЛОТ ЗБОРУВАЛ СО ИСУС

Кога Исус започнал со својата служба на Земјата, Ѓаволот се обидел да го измами со три искушенија. Прво, се обидел да го натера себично да ја употреби моќта што му ја дал Бог за да си го задоволи гладот. Потоа, се осмелил да го натера Исус да привлече внимание кон себе со тоа што непотребно ќе си го ризикува животот. На крајот, му рекол на Исус дека ќе му ги даде сите царства на светот, само ако му се поклони. Исус ги одбил тие препредени напади, и во секој од трите случаи цитирал од Светото писмо (Матеј 4:1-11; Лука 4:1-13).

Со кого зборувал Исус? Со некакво зло во себе? Според Библијата, Исус во сѐ бил „испитан како и ние, но не згрешил“ (Евреите 4:15). Во Библијата исто така пишува: „Тој не направи грев, ниту, пак, се најде измама во неговата уста“ (1. Петрово 2:22). Исус останал совршен, секогаш постапувајќи беспрекорно. Не дозволил во него да се појави ниедна злобна особина. Јасно е дека Исус не зборувал со нешто злобно во себе туку со една вистинска личност.

Истиот разговор открива и други докази дека Ѓаволот навистина постои.

  • Сети се дека Ѓаволот му понудил на Исус да владее над целиот свет само ако му се поклони (Матеј 4:8, 9). Оваа понуда не би имала никаква смисла ако Сатана не бил реална личност. Освен тоа, Исус не оспорил дека Сатана навистина има таква власт каква што тврдел.

  • Откако Исус ги одбил искушенијата, ‚Ѓаволот го оставил, чекајќи друг поволен момент‘ (Лука 4:13). Дали во овој случај Сатана личи на некаква злобна особина или, пак, на упорен, непопустлив непријател?

  • Забележи дека ‚дошле ангели и почнале да му служат‘ на Исус (Матеј 4:11). Дали тие ангели биле вистински духовни личности кои го охрабриле Исус и му помогнале? Се разбира дека биле. Тогаш, зошто да мислиме дека Сатана не бил дословно духовно суштество, туку нешто друго?

ЃАВОЛОТ ЗБОРУВАЛ СО БОГ

Вториот пример запишан во Библијата е поврзан со верниот човек Јов. Во тој извештај, Ѓаволот зборувал со Бог во две прилики. И во едниот и во другиот случај, Бог го пофалил Јов за неговата верност. Сатана тврдел дека Јов му служел на Бог само од себични причини, односно дека Бог го поткупувал Јов за да му биде верен. Всушност, Ѓаволот тврдел дека го познава Јов подобро од Бог. Јехова му дозволил на Сатана да му ги одземе на Јов имотот, децата, па дури и здравјето. * Со текот на времето станало јасно дека Јехова бил во право во врска со Јов, а Сатана испаднал лажливец. Бог го благословил Јов за неговата верност (Јов 1:6-12; 2:1-7).

Во разговорите помеѓу Бог и Сатана, дали Јехова зборувал со некоја злобна особина што ја имал во себе? Библијата вели: „Патот на вистинскиот Бог е совршен“ (2. Самоилова 22:31). Иста така, во неа пишува: „Свет, свет, свет е Јехова Бог, Семоќниот“ (Откровение 4:8). Свет значи потполно чист, без никаков грев. Јехова е совршен и безгрешен. Тој едноставно не може да има никакви злобни особини.

Јов на своја кожа ги почувствувал последиците од разговорот на Сатана со Бог

Сепак, некои може да приговорат дека ни Јов не бил вистинска личност, што би значело дека целиот разговор бил симболичен. Но, дали тоа би било логично? Други библиски стихови покажуваат дека Јов навистина постоел. На пример, во Јаков 5:7-11, Јов е наведен како пример што треба да ги мотивира христијаните да издржат во тешките моменти и да ги утеши и потсети дека Јехова ја наградува таквата истрајност. Колку силен пример би бил Јов ако не бил вистинска личност и ако нападите од Сатана биле измислени? Освен тоа, во Езекиел 14:14, 20, покрај Ное и Даниел, и Јов е спомнат како праведен човек. Значи, исто како Ное и Даниел, и Јов бил вистинска личност и човек со голема вера. А ако Јов бил вистинска личност, зарем не е разумно да заклучиме дека оној што го нападнал — изворот на неговото прогонство — исто така бил вистинска личност?

Јасно е дека Библијата ни го прикажува Ѓаволот како вистинска духовна личност. Сепак, можеби се прашуваш: „Дали тој претставува опасност за мене и за моето семејство во ова модерно време?“

ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ

Замисли си дека група криминалци одеднаш доаѓаат во твојот град. Јасно е дека безбедноста ќе се намали, а моралот ќе опадне. Сега замисли си една слична ситуација: Сатана и неговите демони — вистински духовни суштества кои се побуниле против Бог исто како Сатана — одеднаш се ограничени да бидат само во околината на Земјата. Какви би биле последиците? Па, размисли за она што самиот го гледаш на вестите од земјава и светот:

  • Дали забележуваш дека бројот на сурови, насилни дела постојано расте и покрај тоа што многу земји вложуваат напори да ги спречат?

  • Дали забележуваш дека забавата во која има спиритизам е сѐ пораширена и покрај загриженоста на многу родители?

  • Дали забележуваш дека животната средина немилосрдно се уништува и покрај сите обиди тоа да се спречи?

  • Дали ти изгледа дека нешто тргнало наопаку во општеството — како некоја сила да го турка човештвото кон пропаст?

Библијата открива кој стои зад денешната тешка ситуација во светот: „Беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели... Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:9, 12). Откако ги разгледале доказите, многумина заклучиле дека Сатана е една опасна духовна личност, која има големо влијание врз луѓето.

Сосема разбирливо, можеби се прашуваш како можеш да се заштитиш. Во следната статија ќе прочиташ нешто повеќе за тоа.

^ пас. 12 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.