Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Сакаа сам да ја откријам вистината“

„Сакаа сам да ја откријам вистината“
  • РОДЕН: 1982

  • ЗЕМЈА: ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА

  • НЕКОГАШ: ПОРАСНАЛ КАКО МОРМОН

МОЕТО МИНАТО

Роден сум во Санто Доминго (Доминиканска Република) како најмалото од четирите деца. Моите родители беа високообразовани и сакаа нивните деца да растат во добра средина. Четири години пред да се родам, татко ми и мајка ми се запознале со мормонски мисионери. Одушевени од тоа колку убаво биле облечени и колку убаво се однесувале, набргу моите родители решиле да бидат меѓу првите семејства на островот што ќе се приклучат на Црквата на Исус Христос и светците на последните денови, или Мормонската црква.

Додека растев, се дружев со другите мормони и ми се допаѓаше тоа што им се придаваше голема важност на семејството и на моралните вредности. Се гордеев што бев мормон и си поставив за цел да станам мисионер.

Кога имав 18 години, моето семејство се пресели во САД за да го продолжам школувањето на колеџ. Околу една година подоцна, тетка ми и тетин ми, кои беа Јеховини сведоци, дојдоа да нѐ посетат на Флорида. Нѐ поканија да појдеме со нив на еден конгрес на кој се зборуваше за Библијата. Таму ми остави впечаток тоа што сите околу мене ги бараа стиховите во своите Библии и запишуваа главни мисли од програмата. Затоа, побарав пенкало и хартија и почнав да запишувам и јас.

Бидејќи тетка ми и тетин ми знаеја дека сакам да станам мисионер, по конгресот ми понудија да ја проучуваат Библијата со мене. Предлогот ми се допадна бидејќи во тоа време повеќе знаев за Книгата на Мормон отколку за Библијата.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Во нашите телефонски разговори, тетка ми и тетин ми секогаш ми велеа да ги споредам моите верувања со она што е запишано во Библијата. Сакаа сам да ја откријам вистината.

Иако верував во многу учења на мормонската религија, не знаев дали вистински се темелат на Библијата. Тетка ми ми го испрати изданието на Разбудете се! од 8 ноември 1995 год. (на англиски јазик), кое го издаваат Јеховините сведоци. Во него имаше некои статии за мормонската религија. Се изненадив кога сфатив дека не ми беа познати многу од учењата на мормоните. Тоа ме поттикна да истражувам на официјалната веб-страница на мормоните за да се уверам дека она што го пишуваше во Разбудете се! се темели на факти. Увидов дека сѐ беше точно, а сето тоа уште повеќе се потврди откако ги посетив мормонските музеи во државата Јута.

Отсекогаш сум мислел дека Книгата на Мормон и Библијата се надополнуваат. Но, кога почнав повнимателно да ја читам Библијата, забележав противречности меѓу мормонските учења и она што го пишува во неа. На пример, во Езекиел 18:4, Библијата вели дека душата умира. Меѓутоа, во Книгата на Мормон, во Алма 42:9 пишува: „Душата не може никогаш да умре“.

Освен недоследностите во поглед на учењата, ме вознемируваше и тоа што мормоните ширеа националистички идеи. На пример, тие велат дека рајската градина била во Џексон Каунти (Мисури, САД). Исто така, црковните пророци велат дека, кога „ќе почне да владее Божјето Царство, знамето на САД гордо ќе се вее на јарболот на слободата и еднаквоста“.

Се прашував како, според мормоните, Бог гледа на другите земји, како на пример, мојата. Една вечер, кога ми се јави еден млад мормон што беше обучуван да стане мисионер, ја начнав таа тема. Отворено го прашав дали ќе се бори против други мормони ако неговата земја е во војна со нивната. Многу се изненадив кога рече дека ќе се бори! Продолжив подлабоко да ги анализирам учењата на мојата вера и разговарав со некои од водачите на Мормонската црква. Ми рекоа дека одговорот на моите прашања содржи тајни кои еден ден ќе бидат откриени.

Разочаран од нивните објаснувања, подлабоко се преиспитав себеси и причините зошто сакав да бидам мормонски мисионер. Сфатив дека идејата да бидам мисионер ми се допаѓаше затоа што така можев да им помагам на луѓето. Освен тоа, се гордеев кога ќе помислев на угледот што ќе го уживам како мисионер. Меѓутоа, не знаев многу за Бог. Иако многупати ја читав Библијата, не ја разбирав вистински. Воопшто не знаев каква намера има Бог со Земјата и со луѓето.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Додека ја проучував Библијата со Јеховините сведоци, меѓу другото научив кое е Божјето име, што се случува при смртта и која е улогата на Исус во исполнувањето на Божјата намера. Конечно почнав подобро да ја разбирам оваа прекрасна книга и радосно им кажував и на другите за она што го учев. Отсекогаш верував дека Бог постои, но сега можев да зборувам со него во молитва како со мој најдобар Пријател. На 12 јули 2004 год., се крстив како Јеховин сведок, а по шест месеци почнав да одвојувам голем дел од времето за да ја проповедам добрата вест од Библијата.

Пет години служев во светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Ми беше мило што можев да помагам во печатењето на Библии и библиска литература што им користи на милиони луѓе во светот. Освен тоа, и понатаму радосно им помагам на другите да дознаат нешто повеќе за Бог.