Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Со оглед на тоа што наздравувањето не се спомнува во Библијата, зошто Јеховините сведоци не наздравуваат?

Наздравувањето со чаша вино (или друг алкохолен пијалак) е обичај што веќе одамна постои речиси секаде во светот, иако начинот на кој се наздравува се разликува од место до место. Понекогаш луѓето ги чукаат чашите. Оној што наздравува обично му пожелува или му посакува некому среќа, здравје, долг живот или нешто слично. Другите што учествуваат во здравицата можеби ќе кажат дека се согласуваат со тоа или ќе ги кренат чашите и ќе пивнат малку вино. Иако за мнозина ова е само безопасен обичај или гест што се прави од култура, има добри причини зошто Јеховините сведоци не наздравуваат.

Ова не значи дека христијаните не им посакуваат среќа и добро здравје на другите. Во заклучокот на едно писмо што водечкото тело во првиот век го испратило до собранијата стои еден збор што може да се преведе со: „останете со здравје“, „да сте здрави и живи“ или „сѐ најубаво“ (Дела 15:29). Освен тоа, некои од слугите на вистинскиот Бог им се обратиле на човечки цареви со зборовите: „Нека е жив довека мојот господар“ или „Нека е жив царот довека!“ (1. Царевите 1:31; Неемија 2:3).

Тогаш, од каде потекнува обичајот да се наздравува? Стражарска кула од 1 ноември 1995 год., цитираше еден извадок од The Encyclopædia Britannica (1910), том 13, 121. страница: „Обичајот да се пие ‚за здравје‘ на живите најверојатно потекнува од древниот верски обред да се пие во чест на боговите и на мртвите. Грците и Римјаните истурале малку вино како жртва во чест на нивните богови, а на гозбите им се наздравувало и на боговите и на мртвите“. Понатаму во оваа енциклопедија се вели: „Ваквите обичаи на пиење [во чест на боговите и мртвите], кое се сметало за еден вид жртвување, отсекогаш биле во многу тесна врска со пиењето за здравје на живите“.

Дали ова сѐ уште важи? Во Меѓународниот прирачник за алкохолот и културите од 1995 год. (International Handbook on Alcohol and Culture) се вели: „[Наздравувањето], кое денес не се смета за верски обичај, најверојатно останало од древниот обред на излевање на жртвите, при што на боговите им била принесувана света течност — крв или вино — во замена за исполнување на некоја желба. [Наздравувањето] било еден вид молитва сумирана во зборовите ‚Да сме живи!‘ или ‚На здравје!‘“

Се разбира, тоа што некој предмет или обичај потекнува од древната лажна религија не значи дека автоматски е забранет за слугите на вистинскиот Бог. Да ја земеме за пример калинката. Една позната библиска енциклопедија вели: „Се чини дека калинката била користена како свет симбол и во паганските религии“. И покрај тоа, Бог заповедал на поработ од облеката на првосвештеникот да се направат калинки од преѓа, а калинки имало и на бакарните столбови во храмот што го изградил Соломон (2. Мојсеева 28:33; 2. Царевите 25:17). Освен тоа, многу одамна и венчалниот прстен имал религиозно значење. Сепак, повеќето луѓе денес не го знаат ова, и го сметаат венчалниот прстен само како знак дека некој е во брак.

Што може да се каже за користењето вино во верските обреди? На пример, во една прилика, луѓето од Сихем што му служеле на Ваал ‚отишле во домот на својот бог, па јаделе, пиеле и го проколнувале Авимелех‘, синот на Гедеон (Судиите 9:22-28). Мислиш ли дека оној што му бил верен на Јехова би одел да пие заедно со нив, и можеби да бара боговите да му направат нешто лошо на Авимелех? Зборувајќи за деновите кога мнозина во Израел се побуниле против Јехова, Амос рекол: „Лежат испружени покрај секој жртвеник, и во храмот на своите богови го пијат виното на оние што се казнети со глоба“ (Амос 2:8). Дали слугите на вистинскиот Бог би учествувале во вакво нешто, сеедно дали виното било истурано како жртва на боговите или само се пиело во нивна чест? (Еремија 7:18). Дали еден слуга на Бог би кренал чаша со вино и би барал Бог да влијае врз некого или да го благослови во иднина?

Интересно е тоа што и слугите на Јехова понекогаш ги кревале рацете и барале среќен исход за некоја работа. Но, тие ги кревале своите раце кон вистинскиот Бог. Читаме: „Соломон застана пред Јеховиниот жртвеник... и ги рашири рацете кон небото, велејќи: ‚Јехова, Боже Израелов, нема Бог како што си ти... Чуј од местото каде што живееш, од небото, чуј и прости‘“ (1. Царевите 8:22, 23, 30). Слично на ова, и ‚Езра го благословил Јехова... а целиот народ одговорил со подигнати раце: „Амин! Амин!“ Потоа сите се поклониле и паднале ничкум пред Јехова‘ (Неемија 8:6; 1. Тимотеј 2:8). Јасно е дека тие верни лица не ги кревале своите раце кон небото за да бараат благослов од некој бог на среќата (Исаија 65:11).

Можеби мнозина од оние што наздравуваат денес не го прават тоа за да бараат одговор или благослов од некој бог, но сепак не можат да објаснат зошто ги креваат чашите со вино кон небото. Меѓутоа, ако тие не размислиле внимателно за таа работа, не значи дека и вистинските христијани треба да чувствуваат обврска да им се придружат и да ги прават истите гестови.

Познато е дека и во врска со други работи Јеховините сведоци не прават гестови што повеќето луѓе би ги правеле. На пример, мнозина прават гест во знак на поздрав на државните симболи, или знамиња, и не го сметаат овој гест за религиозен чин. Вистинските христијани не ги спречуваат другите да го прават тоа, но тие лично не учествуваат. Ако однапред знаат дека ќе има некоја таква церемонија, многу Сведоци избегнуваат да присуствуваат за да не ги навредат другите. Во секој случај, тие се решени да не прават патриотски гести, кои се спротивни на она што го вели Библијата (2. Мојсеева 20:4, 5; 1. Јованово 5:21). Можеби денес мнозина не го сметаат наздравувањето за верски обичај. Сепак, има добри причини зошто христијаните не наздравуваат. Како што видовме, овој обичај има религиозно потекло и некои дури и денес со него бараат благослов од ‚небото‘, односно помош од некоја натприродна сила (2. Мојсеева 23:2).