Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, дали сте спремни да се крстите?

Млади, дали сте спремни да се крстите?

„Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ (ЛУКА 14:28)

ПЕСНИ: 120, 64

Овие две статии се наменети за младите кои размислуваат да се крстат

1, 2. а) На што се радува Божјиот народ денес? б) Како можат христијанските родители и старешините да им помогнат на младите да сфатат што значи крштавањето?

„ТЕ ЗНАМ уште од бебе, и среќен сум што имаш желба да се крстиш“, му рекол еден христијански старешина на Кристофер, кој тогаш имал 12 години. „Но, би сакал да те прашам: ,Зошто одлучи да го направиш тој чекор?‘“ Ова прашање било на место. Сигурно сите многу се радуваме што секоја година се крштаваат илјадници млади луѓе во целиот свет (Проп. 12:1). Сепак, родителите и старешините сакаат да се уверат дека тие млади самите донеле одлука да се крстат и дека во потполност сфаќаат што значи тоа.

2 Според Божјата Реч, кога некој ќе му се заветува на Јехова и ќе се крсти, почнува нов живот како христијанин. Таа одлука ќе му донесе многу благослови од Јехова, но и противење од Сатана (Изр. 10:22; 1. Пет. 5:8). Затоа христијанските родители одвојуваат време да им помогнат на своите деца да сфатат што значи да се биде ученик на Христос. Ако родителите не се Јеховини сведоци, тогаш старешините со љубов ќе им помогнат да го разберат тоа. (Прочитај Лука 14:27-30.) За да може успешно да се заврши некој градежен проект, потребна е добра подготовка. На сличен начин, за да можат верно да му служат на Јехова „до крајот“, младите мора добро да се подготват пред да се крстат (Мат. 24:13). Што ќе им помогне да ја зајакнат својата решеност да му служат на Бог засекогаш? Да видиме.

3. а) Што учиме за важноста на крштавањето од она што го кажале Исус и Петар? (Мат. 28:19, 20; 1. Пет. 3:21). б) Кои прашања ќе ги разгледаме, и зошто?

3 Дали си млада личност која сака да се крсти? Ако да, тогаш си за пофалба. Огромна чест е да се биде крстен Јеховин сведок. Всушност, секој што сака да биде христијанин мора да се крсти бидејќи тоа е важен чекор кој води до спасение (Мат. 28:19, 20; 1. Пет. 3:21). Со крштавањето покажуваш дека си му ветил на Јехова дека ќе му служиш засекогаш. Затоа што со сето срце сакаш да го одржиш ова ветување, следниве три прашања ќе ти помогнат да сфатиш дали си спремен да се крстиш: 1) Дали сум доволно зрел за да донесам таква одлука? 2) Дали имам искрена желба да му служам на Бог? 3) Дали сфаќам што значи да му се заветувам на Јехова? Да ги разгледаме овие прашања.

ДАЛИ СИ ДОВОЛНО ЗРЕЛ?

4, 5. а) Зошто може да се крштаваат и млади луѓе? б) Што покажува дека некој христијанин е зрел?

4 Во Библијата не пишува дека оној што сака да се крсти мора да биде полнолетен или возрасен. Во Изреки 20:11 стои: „И детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“. Овој стих покажува дека дури и некој што е прилично млад може да знае како треба да постапува и што значи да му се заветува на својот Творец. Според тоа, крштавањето е соодветен и многу важен чекор што може да го направи секој млад човек кој е доволно зрел и кој му се заветувал на Јехова (Изр. 20:7).

5 Што покажува дека некој е зрел? Зрелоста не е поврзана само со возраста или со телесниот раст. Библијата вели дека зрели луѓе се „оние чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евр. 5:14). Значи, зрелите поединци знаат што е исправно во Јеховини очи и цврсто се решени во своето срце да се држат за тоа. Од таа причина, тие не паѓаат лесно под лошо влијание, и нема потреба некој друг постојано да ги тера да го прават она што е добро. Сосема е разумно да се очекува едно крстено младо лице да се држи за Божјите мерила дури и кога не е заедно со своите родители или со други возрасни. (Спореди со Филипјаните 2:12.)

6, 7. а) Со какви предизвици се соочил Даниел кога бил во Вавилон? б) Како Даниел покажал дека е зрел?

6 Дали еден млад човек навистина може да покажува ваква зрелост? Да го разгледаме примерот на Даниел, за кој се зборува во Библијата. Тој можеби имал 13-ина години кога бил оттргнат од своите родители и одведен во ропство во Вавилон. Одеднаш се нашол меѓу луѓе кои имале сосема поинакви мерила за тоа што е исправно, а што погрешно. Освен тоа, со него постапувале како да е нешто посебно. Всушност, тој бил еден од неколкуте момчиња кои биле внимателно избрани да му служат лично на царот! (Дан. 1:3-5, 13). На прв поглед се чини дека Даниел бил во многу подобра положба во Вавилон отколку што некогаш би бил во Израел.

7 Како реагирал Даниел на сето ова? Дали бил заслепен од сјајот и раскошот на Вавилон? Дали дозволил новата околина да го промени како личност или да ја поткопа неговата вера? Во никој случај! Библијата вели дека, додека бил во Вавилон, Даниел ,одлучил во своето срце да не се извалка‘ со ништо што било поврзано со служењето на лажни богови (Дан. 1:8). Тој навистина покажал извонредна зрелост!

Зрелиот младинец не постапува како Божји пријател кога е со браќата во собранието а како пријател на светот кога е на училиште (Види во пасус 8)

8. Што може да научиш од примерот на Даниел?

8 Што учиш од примерот на Даниел? Еден зрел млад човек може да остане цврст во своите уверувања дури и во тешки ситуации. Тој не е како камелеон што ја менува бојата за да се претопи во околината. Зрелиот младинец не игра двојна улога — не постапува како Божји пријател кога е со браќата во собранието а како пријател на светот кога е на училиште. Тој не е непостојан туку останува цврст и непоколеблив, дури и кога неговата вера е ставена на испит. (Прочитај Ефешаните 4:14, 15.)

9, 10. а) Зошто е добро младите да размислат како реагирале на неодамнешните испити на својата вера? б) Што покажуваш со крштавањето?

9 Се разбира, никој не е совршен — и младите и возрасните понекогаш прават грешки (Проп. 7:20). Сепак, ако сакаш да се крстиш, мудро е да размислиш дали си цврсто решен да се држиш за Јеховините мерила. Прашај се: ,Дали досега му бев послушен на Бог? Како реагирав на последните испити на мојата вера? Дали покажав дека можам да разликувам исправно од погрешно?‘ А што ако некој те поттикнува да ги искористиш своите таленти во светот на Сатана, како што било случај со Даниел? Дури и ако тоа претставува искушение за тебе, дали сепак сфаќаш како Јехова би сакал да постапиш? (Еф. 5:17).

10 Зошто е важно да си ги поставиш овие лични прашања? Затоа што тие можат да ти помогнат да сфатиш колку е сериозно крштавањето. Со крштавањето покажуваш пред другите дека си му дал важно ветување на Јехова. Ти си му ветил дека ќе го сакаш и дека засекогаш ќе му служиш со сета душа (Мар. 12:30). Секој што ќе се крсти треба да биде решен да си го исполни ветувањето. (Прочитај Проповедник 5:4, 5.)

ДАЛИ ИМАШ ИСКРЕНА ЖЕЛБА ДА МУ СЛУЖИШ НА БОГ?

11, 12. а) Во што треба да бидеш сигурен ако размислуваш да се крстиш? б) Што ќе ти помогне да имаш исправен став кон крштавањето?

11 Библијата вели дека народот на Јехова, во кој спаѓаат и младите, „спремно ќе се понуди“ да му служи (Пс. 110:3). Затоа, ако размислуваш да се крстиш, треба да бидеш сигурен дека навистина го сакаш тоа. Би било добро внимателно да се преиспиташ, особено ако си пораснал во вистината.

12 Низ годините, веројатно си видел како мнозина се крштаваат. Можеби се крстиле и некои твои пријатели, па дури и некој твој телесен брат или сестра. Сепак, внимавај да не почнеш да мислиш дека мора да се крстиш само затоа што сите други се крштаваат или, пак, затоа што си дошол на одредена возраст. Што ќе ти помогне да имаш исправен став кон крштавањето? Размислувај почесто за тоа зошто е важен тој чекор. Во оваа и во следната статија ќе бидат изнесени повеќе причини.

13. Како можеш да знаеш дали си одлучил да се крстиш затоа што навистина од срце го сакаш тоа?

13 Што ќе ти помогне да сфатиш дали одлуката да се крстиш се темели на твојата искрена желба да му служиш на Јехова? Една работа е да размислиш за своите молитви. Колку често му се молиш на Бог? Дали се молиш за конкретни работи? Одговорот на овие прашања може да ти открие колку си близок со Јехова (Пс. 25:4). Бидејќи тој честопати одговара на молитвите преку својата Реч, добро е да размислиш колкав труд вложуваш да ја проучуваш. Тоа е уште една работа што ќе ти помогне да сфатиш дали навистина сакаш да бидеш близок со Јехова и да му служиш од срце (Ис. Нав. 1:8). Дали редовно ја проучуваш Божјата Реч? Ако твоите родители се во вистината, дали спремно учествуваш во Семејната вечер? Овие прашања ќе ти помогнат да сфатиш дали си одлучил да се крстиш затоа што навистина од срце го сакаш тоа.

ШТО ЗНАЧИ ДА МУ СЕ ЗАВЕТУВАШ НА БОГ?

14. Објасни како е поврзано крштавањето со заветот што некој му го дава на Бог.

14 Некои не сфаќаат дека заветот што му го даваме на Јехова е тесно поврзан со крштавањето. На пример, некои млади велат дека му се заветувале на Бог, но дека не се спремни за крштавање. Дали ова ти звучи логично? Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти му кажуваш во молитва дека ќе му служиш засекогаш. А со крштавањето покажуваш пред сите дека си му се заветувал. Затоа, пред да се крстиш, треба добро да разбереш што вклучува заветот кој му го даваш на Бог.

15. Што, всушност, правиш кога му го заветуваш својот живот на Бог?

15 Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти се одрекуваш од себеси, и му ветуваш дека најважно од сѐ ќе ти биде да ја вршиш Неговата волја. (Прочитај Матеј 16:24.) Кога ќе дадеме некое ветување, важно е да си стоиме на зборот. Тогаш колку поважно е да го одржиме ветувањето што сме му го дале на Јехова Бог! (Мат. 5:33). Но, како можеш да покажеш дека навистина си се одрекол од себеси и дека сега му припаѓаш на Јехова? (Рим. 14:8).

16, 17. а) Што значи некој да се одрече од себеси? Наведи споредба. б) Што, всушност, вели оној кој му се заветува на Јехова?

16 Да наведеме една споредба. Замисли дека некој твој пријател ти подари кола. Тој ја префрла на твое име, и ти вели: „Колата е твоја“. Но, потоа додава: „Клучевите ќе останат кај мене. Јас ќе ја возам, а не ти“. Што ќе мислиш за еден таков „подарок“? Што ќе мислиш за оној кој ти го дал?

17 Кога некој ќе му се заветува на Јехова, всушност, му вели: „Ти го давам својот живот. Јас ти припаѓам тебе“. Бог со право очекува од него да си стои на зборот. Но, што ако тоа лице почне да води двоен живот така што, на пример, започне тајна врска со некој што не е Божји слуга? Или, што ако прифати работа поради која често ќе ги пропушта состаноците или ќе нема многу време за служба? Тоа ќе биде исто како да ги задржал клучевите од колата кај себе. Кога му се заветуваме на Јехова, на некој начин му велиме: „Мојот живот ти припаѓа тебе, а не мене. Кога ќе треба да одлучам дали да го правам она што го сакаш ти или она што го сакам јас, твојата волја секогаш ќе биде пред моите желби“. Така ќе покажеме дека размислуваме како Исус, кој рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“ (Јован 6:38).

18, 19. а) Како изјавите на Роуз и на Кристофер покажуваат дека крштавањето е чест која носи многу благослови? б) Како гледаш ти на крштавањето?

18 Јасно е дека крштавањето е многу важен чекор. Огромна чест е некој да му се заветува на Јехова и да се крсти. Младите кои го сакаат Бог и кои сфаќаат што значи таквиот завет не се колебаат да се крстат, и никогаш не жалат што ја донеле таа одлука. Една крстена тинејџерка по име Роуз вели: „Го сакам Јехова и сакам да му служам. Ништо друго не може да ме направи посреќна. Воопшто не се двоумев дали да се крстам — бев цврсто решена да го направам тој чекор“.

19 Кристофер, кој беше спомнат во почетокот, вели дека е пресреќен што на 12 години донел одлука да се крсти. Почнал со општа пионерска служба на 17 години, бил именуван за слуга-помошник на 18, а сега служи во Бетел. Тој вели: „Донесов исправна одлука кога решив да се крстам. Водам навистина исполнет живот служејќи му на Јехова и на неговата организација“. Ако сакаш да се крстиш, како можеш да се подготвиш за тој чекор? Ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.