Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тажна реалност

Тажна реалност

ЗАМИСЛИ СИ дека гледаш биографски филм за некоја славна личност од светот на музиката, на пример, некоја позната пијанистка. Во почетокот се прикажуваат сцени од нејзиното детство — гледаш како учи да свири и како вежба по цели денови, и како потоа настапува на концерти, патува во многу земји и станува позната во целиот свет. За кратко време, почнуваат да се редат слики од подоцнежните години на нејзиниот живот. На крајот од филмот, таа умира.

Сеедно дали станува збор за музичар, научник, спортист или некоја друга славна личност, во основа, животната приказна на сите е иста. Можеби некој навистина постигнал многу во животот, но замисли уште колку многу би постигнал кога не би морал да остари и да умре!

За жал, сите се наоѓаме во слична ситуација (Проповедник 9:5). И покрај сите напори, досега човекот не успеал да се спаси од страшните последици на староста и смртта. Освен тоа, некој би можел да настрада во ненадејна несреќа или, пак, да се разболи од неизлечлива болест. Библијата ги споредува луѓето со утринска магла „која се појавува за кратко време, па исчезнува“ (Јаков 4:14).

Бидејќи животот им се чини толку несигурен и бесмислен, некои луѓе си велат „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32). Со тоа што живеат на ваков начин, тие покажуваат дека се откажале од секаква надеж. Како и да е, порано или подоцна — особено кога минуваме низ некој тежок период — сигурно ќе се прашаме: „Зарем тоа е целата смисла на животот?“ Каде може да се најде одговорот на ова прашање?

Многумина го бараат одговорот во науката. Поради напредокот во науката и медицината, денес луѓето имаат подолг животен век отколку порано. А некои научници работат на тоа да го продолжат уште повеќе. Без разлика дали ќе успеат или не, остануваат прашањата: Зошто животот е толку краток? Зошто старееме и умираме? Има ли надеж дека ќе ѝ биде ставен крај на смртта? Овие прашања ќе бидат разгледани во следните статии.