Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 6

Колку е важно да имаат морални вредности

Колку е важно да имаат морални вредности

ШТО СЕ МОРАЛНИ ВРЕДНОСТИ?

Луѓето што имаат високи морални вредности знаат што е исправно, а што погрешно. Тие не одредуваат што е добро а што лошо на темел на тоа како се чувствуваат во моментот. Наместо тоа, постапуваат според цврсто утврдени принципи, дури и кога никој не ги гледа.

ЗОШТО МОРАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ СЕ ВАЖНИ?

Децата постојано се изложени на најразлични погрешни идеи во поглед на моралот преку соучениците, музиката што ја слушаат и филмовите и емисиите што ги гледаат. Сето ова може да ги збуни и да го стави под знак прашалник она за што биле поучени.

Ова е особено голем проблем за тинејџерите. Во една книга пишува дека дотогаш тие веќе треба да бидат свесни дека ќе се најдат под силен притисок да прават сѐ за да бидат прифатени од другите. Затоа мора да научат да носат одлуки во склад со тоа што знаат дека е исправно, дури и кога пријателите нема да се согласуваат со нив (Beyond the Big Talk). Од ова јасно се гледа дека родителите треба да им всадат морални вредности на децата уште пред да станат тинејџери.

КАКО ДА ИМ ВСАДИШ МОРАЛНИ ВРЕДНОСТИ НА ДЕЦАТА

Поучи ги што е исправно, а што погрешно.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Зрелите имаат моќ на согледување која преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло (Евреите 5:14).

  • Помогни му на детето да научи зборови кои означуваат одредени морални вредности. На пример, користи ги секојдневните ситуации за да направиш разлика меѓу одредени постапки, така што ќе му кажеш: „Ова е чесно; тоа е нечесно“. „Ова е праведно; тоа е неправедно.“ „Ова е сочувствително; тоа е бесчувствително.“ Со текот на времето, детето ќе научи самото да ги поврзува постапките со одредени морални вредности.

  • Објасни му зошто некоја работа е исправна или погрешна. На пример, би можел да го прашаш: Зошто секогаш е најдобро да се биде чесен? Каква штета може да му направи лажењето на едно пријателство? Зошто е погрешно да се краде? Со вакви прашања можеш да му помогнеш на детето логично да размислува и да си ја остри совеста.

  • Нагласи му зошто е добро да има високи морални вредности. Би можел да му кажеш: „Ако си чесен, другите ќе ти веруваат“, или „Ако си љубезен, другите ќе сакаат да бидат во твое друштво“.

Вашето семејство треба да биде познато по тоа дека живее според високи морални принципи.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Живејте примерно“ (1. Петрово 2:12).

  • Сите во семејството треба да се држите за високи морални принципи за да можете со чиста совест да кажете:

    • „Во нашето семејство не се лаже.“

    • „Ние не ги решаваме проблемите со тепање и со викање.“

    • „Не зборуваме грубо и не се навредуваме еден со друг.“

Така децата ќе сфатат дека моралните вредности не се само „обични“ правила, туку навистина се нераздвоен дел од животот на целото семејство.

  • Разговарај почесто со детето за вашите морални вредности. Користи случки од секојдневниот живот за да го поучиш. Би можел да му направиш споредба помеѓу вашите вредности и оние што се изнесуваат на медиумите или на училиште. Прашај го: „Што ќе направеше ти во таа ситуација?“ „Како ќе постапеше нашето семејство?“

Помогни им да сакаат да постапуваат исправно.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Зачувајте чиста совест“ (1. Петрово 3:16).

  • Пофали го детето кога ќе постапи исправно. Секогаш кога ќе постапи исправно, пофали го и објасни му зошто тоа било добро. На пример, би можел да му кажеш: „Се гордеам со тебе затоа што постапи чесно“. Кога детето ќе признае дека направило нешто лошо, пред да го советуваш, пофали го за искреноста.

  • Советувај го кога ќе постапи погрешно. Научи го да презема одговорност за своите постапки. Детето треба да знае што направило погрешно и зошто тоа не е во склад со моралните вредности на семејството. Некои родители не ги исправаат децата кога ќе направат нешто лошо бидејќи се плашат да не ги повредат. Но, ако му објасниш на детето зошто таквото постапување е неисправно, ќе му помогнеш да си ја изостри совеста и полесно да препознава што е добро, а што лошо.