Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали мудро ги користиш електронските уреди?

Дали мудро ги користиш електронските уреди?

Џени е опседната со една видеоигра. „Играм по осум часа на ден“, вели таа, „и тоа ми стана вистински проблем“.

Денис се обидувал седум дена да не користи електронски уреди и Интернет. Но, успеал да издржи само 40 часа.

Џени и Денис не се тинејџери. Џени има 40 години и е мајка на четири деца, а Денис има 49 години.

ДАЛИ и ти користиш електронски уреди? Многумина користат и тоа со добра причина. Електронските уреди се многу корисни. Тие ни помагаат во работата, во комуникацијата со другите и ни служат за забава.

Сепак, исто како Џени и Денис, некои луѓе не можат да си го замислат животот без некаков електронски уред. На пример, Никол, која има 20 години, вели: „Мора да признаам дека мобилниот телефон ми е најдобар другар. Никаде не одам без него. Многу се нервирам ако сум на место каде што нема мрежа. Веќе по пола час станувам нестрплива да видам дали имам некоја нова порака. Знам дека звучи смешно, ама така е“.

Некои луѓе дури и среде ноќ проверуваат дали имаат нови пораки или известувања. Кога се одвоени од електронскиот уред може да им се појават симптоми на одвикнување. За некои експерти ваквиот начин на однесување е еден вид зависност — сеедно дали од технологијата во целина или поконкретно од Интернет или од некој електронски уред, како што е смартфон. Други не сакаат да го користат изразот „зависност“ и го опишуваат ваквото однесување како проблематично, компулзивно или опсесивно.

Како и да е, немудрото користење на електронските уреди може да претставува проблем. Во некои случаи, тоа создало ѕид меѓу членовите на семејството. На пример, една 20-годишна девојка вели: „Татко ми веќе нема поим што ми се случува во животот. Кога разговараме, тој седи во дневната соба и пишува имејлови. Не го пушта телефонот од рака. Знам дека ме сака и се грижи за мене, ама понекогаш не ми изгледа така“.

„Дигитална детоксикација“

За да им помогнат на луѓето да се одвикнат од прекумерната употреба на електронските уреди, некои земји, како што се Кина, Јужна Кореја, Британија и САД, отвориле центри за „дигитална детоксикација“ каде што нема пристап до Интернет и не е дозволено да се користат електронски уреди неколку дена. На пример, еден млад човек по име Брет, кој играл онлајн игра по 16 часа на ден, вели: „Кога и да се уклучев, се чувствував како да сум под дејство на дрога“. Кога решил да оди во центар за одвикнување од технологија, Брет веќе бил без работа и без пријатели, а ја имал занемарено и личната хигиена. Како можеш да спречиш да дојде до вакво нешто?

ПРОВЕРИ ДАЛИ МУДРО ГИ КОРИСТИШ ЕЛЕКТРОНСКИТЕ УРЕДИ. Размисли какво влијание има технологијата врз твојот живот. Постави си ги следниве прашања:

  • Дали станувам претерано вознемирен, па дури и агресивен, ако немам пристап до Интернет или ако не можам да го користам мојот електронски уред?

  • Дали користам Интернет или некој електронски уред подолго од времето што сум го одредил за тоа?

  • Дали си го нарушувам сонот со тоа што не можам да престанам да проверувам дали имам нови пораки?

  • Дали го запоставувам семејството поради претераната употреба на технологија? Дали членовите на моето семејство би се согласиле со мојот одговор?

Ако поради немудрото користење на електронските уреди го запоставуваш она „што е најважно“ — твоето семејство и други одговорности — време е да смениш нешто (Филипјаните 1:10). Што можеш да направиш?

ПОСТАВИ СИ РАЗУМНИ ГРАНИЦИ. Дури и оние работи што се корисни може да станат штетни ако немаме граници. Затоа, без разлика дали ги употребуваш електронските уреди за работа или за забава, одреди колку време ќе ги користиш и држи се за тоа.

Предлог: Побарај помош од некој член на семејството или од некој пријател. Библијата вели: „Подобро им е на двајца отколку на еден... зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“ (Проповедник 4:9, 10).

Не дозволувај да станеш „зависник“

Бидејќи новите уреди овозможуваат полесен и побрз пристап до некои информации, сигурно сѐ повеќе луѓе ќе ги користат прекумерно. Но, не дозволувај да станеш „зависник“ од нив. Ако ‚добро го користиш времето што го имаш‘, нема да претераш со употребата на технологијата (Ефешаните 5:16).