Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Југоисточна Азија

Според Светската фондација за заштита на природата, во периодот меѓу 1997 и 2011 год., на поширокото подрачје на реката Меконг, што ги опфаќа Виетнам, Камбоџа, Лаос, Мјанмар, Тајланд и провинцијата Јунан (Кина), беа откриени голем број нови видови растенија и животни, меѓу кои и црвенооката змија отровница Trimeresurus rubeus. Само во 2011 год. меѓу новите видови имаше 82 растенија, 21 влекач, 13 риби, 5 водоземци и 5 цицачи.

Европа

Трговијата со луѓе стана сериозен проблем во „сите земји од Европската Унија“, пишува во весникот The Moscow Times. Луѓето стануваат жртви на проституција, на принудна работа, па дури и на „нелегална трговија со органи“. Трговците со луѓе ги искористуваат сиромаштијата, невработеноста и половата нееднаквост.

Нов Зеланд

Истражувањата во врска со навиките на гледање телевизија кај децата и тинејџерите покажаа дека прекумерното гледање „е поврзано со поизразено асоцијално однесување во младоста“. Истражувачите велат дека нивните сознанија се поклопуваат со ставот на Американското здружение на педијатрите, од каде што советуваат децата „да гледаат најмногу 1-2 часа квалитетна програма дневно“.

Алјаска

Речиси сите „домородни села во Алјаска“ се наоѓаат покрај брегот или близу некоја река и 86% од нив се погодени од поплави и ерозија. Извештаите покажуваат дека зголемените температури се причина ледената обвивка на брегот да се формира подоцна, поради што селата се поизложени на есенските бури.

Свет

И покрај големите инвестиции во зелената технологија, како што е искористувањето на ветерната и соларната енерија, „енергијата што денес се произведува загадува исто колку и енергијата што се произведуваше пред 20 години“, вели Марија ван дер Хувен, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика.