Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Помогни му на твојот тинејџер да биде послушен

Помогни му на твојот тинејџер да биде послушен

ПРЕДИЗВИК

Дома имате правило да не се користат мобилни после 9 навечер, ама веќе двапати оваа седмица ја фати ќерка ти како праќа пораки после полноќ. На син ти му е дозволено да излегува до 10, но синоќа — по кој знае кој пат — пак се прибра после 11.

Твојот тинејџер не е безнадежен случај. Но, најпрво треба да откриеш зошто се бунтува против правилата. Дури и да ти се чини дека во сѐ ти пркоси, можеби работите и не се толку страшни.

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Нема јасни граници. Некои тинејџери не ги почитуваат правилата за да видат до каде може да одат. На пример, ако родителот рече дека доколку не се почитува некое правило, следува одредена казна, тинејџерот можеби ќе проба да ги премине границите за да види дали родителот ќе си стои на зборот. Дали ваквите тинејџери стануваат непоправливи бунтовници? Не мора да значи. Факт е дека тинејџерот нема да ги сфаќа толку сериозно правилата ако родителот не му поставува јасни граници и не се држи за нив.

Нефлексибилност. Некои родители се обидуваат да го држат својот тинејџер под контрола поставувајќи безброј правила. Кога детето не се држи за правилата, родителот се лути и наметнува уште повеќе правила. Но, честопати тоа само ја влошува ситуацијата. „Колку повеќе се обидуваш да го контролираш, толку поголем е отпорот“, стои во книгата Parent/Teen Breakthrough. Во неа понатаму се вели: „Кога сакаш да го контролираш своето дете во сѐ, тоа е исто како да се обидуваш да мачкаш стврднат путер врз мек леб. Така само го распарчуваш лебот и нема ништо да постигнеш со тоа што ќе притискаш посилно“.

Вистинското решение е соодветна дисциплина. За разлика од казната — која вклучува да се нанесе страдање некому — дисциплината главно значи да се даде поука. Како можеш да го поучиш твојот тинејџер да ги почитува правилата?

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Биди јасен. Тинејџерите треба да знаат што точно се очекува од нив и какви ќе бидат последиците ако не се послушни. (Библиско начело: Галатите 6:7.)

Предлог: Запиши ги на лист вашите семејни правила. Потоа размисли за следниве прашања: ‚Да не се премногу? Да не се премалку? Дали некои веќе не се потребни? Ако гледам дека детето покажува поголема одговорност, треба ли да сменам некои правила?‘

Биди доследен. Тинејџерот би можел да се збуни ако за некој прекршок минатата седмица се извлекол без последици, а сега за сличен прекршок добива казна. (Библиско начело: Матеј 5:37.)

Предлог: Труди се казната да одговара на „престапот“. На пример, ако тинејџерот се врати подоцна од дозволеното, соодветна казна би било отсега да се враќа порано.

Биди разумен. Покажи дека си флексибилен родител — ако гледаш дека твојот тинејџер заслужува поголема слобода, дај му ја. (Библиско начело: Филипјаните 4:5.)

Предлог: Седнете и заедно со твојот тинејџер дискутирајте за правилата. Би можел дури и да му дозволиш самиот да предложи какви да бидат последиците од одреден прекршок. Многу поголема е веројатноста да ги почитува правилата за кои било земено предвид и неговото мислење.

Помогни му да се изгради како личност. Целта не е само да го натераш тинејџерот да ги почитува правилата туку да му помогнеш да развие добра совест — внатрешно чувство за исправно и погрешно. (Види ја рамката „Помогни му да развие убави особини“.) (Библиско начело: 1. Петрово 3:16.)

Предлог: Барај совети во Библијата. Таа е најдобар извор на „поука што дава разборитост“ и нејзината мудрост може „да им даде на неискусните остроумност, а на младиот човек знаење и способност за расудување“ (Изреки 1:1-4).