Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Чудесната пченка

Чудесната пченка

Чудесната пченка

ДО НЕОДАМНА, Харлин беше одгледувач на пченка во Фингер Лејкс во државата Њујорк (САД). Тој секогаш со уживање им раскажуваше на пријателите и на посетителите некои интересни работи за пченката. Разбудете се! го замоли Харлин да им каже нешто повеќе и на нашите читатели. А ќе спомнеме и некои други интересни информации за ова чудесно растение. На пример, од каде потекнува? Како се раширила во светот? И за што сѐ се користи? Да видиме кои интересни работи за пченката ни ги кажа Харлин.

Растение кое „зборува“

„Јас мислам дека пченката има врска и со уметноста и со вишата математика. Поаѓајќи од листовите па сѐ до последното зрно на кочанот — сѐ е прецизно наредено на таков начин што на око изгледа убаво. Освен тоа, додека расте, ова растение „зборува“. Кажува дали е жедно или недохрането. Како што едно бебе плаче кога му треба нешто, така и пченката што зрее, исто како што прават и многу други растенија, дава видливи знаци за да си каже што ѝ треба. Некои од тие знаци се бојата и обликот на листот. Важно е да се разбере нивното значење.

На пример, кога листовите ќе добијат црвеникаво-виолетова боја, тоа честопати значи дека има недостиг на фосфор. Други симптоми може да укажуваат на недостиг на магнезиум, азот или калиум. Еден земјоделец може веднаш да препознае дали неговата пченка има некоја болест или е оштетена од хемикалии.

Како сите одгледувачи на пченка, и јас ја садев напролет, бидејќи топлата почва овозможува семето да изрти. По четири до шест месеци, кога посевот ќе узрееше, стеблата пченка достигнуваа и до два метра.

Пченката расте во фази што можат да се препознаат со броење на листовите. Кога е во фазата од три до пет лисја, доаѓаат до израз нејзините ‚познавања‘ од областа на хемијата и математиката. Прво, корењата темелно ја анализираат почвата. Врз основа на добиените информации, почнува да функционира една програма на растење што одредува колку ќе биде широк кочанот на кој ќе растат зрната, односно колку реда зрна ќе има. Потоа, во фазата од 12-тиот до 17-тиот лист, врз основа на натамошна анализа на почвата, растението го утврдува оптималниот број зрна што ќе пораснат по должината на кочанот. Едноставно речено, секое растение на некој начин пресметува како најдобро да ја искористи почвата за да даде што повеќе плод користејќи ги резултатите што ги добива од неа. Друг доказ дека пченката е чудесно растение се деталите поврзани со нејзиното размножување.“

Метлички, прашници и свилки

„Секое стебло пченка има и машки и женски полови карактеристики. Долгиот танок израсток на врвот на растението е машкото соцветие, наречено метличка. Секоја метличка има по околу 6.000 расцветани пупки, или прашници. Тие ослободуваат милиони зрнца полен од секое стебло. Носен од ветрот, поленот ги оплодува јајце-клетките во неразвиените кочани на околните стебла пченка. Јајце-клетките се безбедно скриени во лисјата со кои е обвиткан кочанот.

На кој начин поленот поминува низ заштитните лисја за да дојде до јајце-клетките? Па, треба да го помине „Патот на свилата“. Пченкината свила се нежните, белузлави конци што висат од врвот на неизлупениот клас пченка. На секој клас има стотици такви свилени конци, наречени свилка, коса или брада. Ако следите едно свилено влакно до неговата основа, ќе дојдете до плодникот, во кој има јајце-клетка. На секое свилено влакно доаѓа по една јајце-клетка. А од секоја од нив се добива по едно зрно пченка.

Видливите врвови на свилата, кои се нишаат на ветрот кој носи полен во изобилство, имаат ситни влакненца на кои се прилепуваат разлетаните поленови зрнца. Штом ќе биде фатено некое поленово зрнце, што може да се случи на кое и да е место по должината на видливиот дел на свилата, тоа изртува. Од него почнува да расте едно цевче, кое слично на коренче се спушта низ свиленото конче и доаѓа до јајце-клетката за да ја оплоди.

Празните места на кочанот каде што нема зрна пченка покажуваат дека некои свилени конци не биле опрашени со полен, можеби затоа што не пораснале навреме. Причина за тоа може да биде сувата почва. И во тој случај, ако еден земјоделец ги знае симптомите, обично може да направи нешто за да го поправи проблемот и да го подобри родот — ако не за сегашната жетва, тогаш барем за следната. За да го збогатам родот на мојот посев, една година садев пченка, а следната година соја. Сојата е мешункасто растение кое ја збогатува почвата со азот и на која гасеницата не ѝ може ништо. *

Отсекогаш ми било големо задоволство да гледам како голите полиња, малку по малку, се облекуваат во зелена боја и потоа даваат изобилство храна — процес што се одвива тивко, чисто и прекрасно. Навистина сум убеден дека пченката — како и сите други растенија — е чудо на создавањето. А она што го знам не е ништо во споредба со она што сѐ уште има да се научи.“

Дали овие работи што ни ги раскажа Харлин ја разбудија твојата љубопитност и за другите карактеристики на ова чудесно растение? Да спомнеме нешто за неговата историја и сестрана намена.

Од Мексико до крајот на светот!

Одгледувањето на пченката започнало во Америка, најверојатно во Мексико, и оттаму се раширило и во другите земји. Перуанците во времето пред Инките обожавале една божица на пченката украсена со круна од класови, кои се ширеле од нејзината глава како спици на велосипедско тркало. Природонаучникот Џозеф Кастнер вели дека Индијанците од целиот американски континент „ја обожавале [пченката] како нешто што им припаѓа на боговите, како материјал од кој е направен и самиот човек... Било многу евтино да се произведе — едно единствено стебло можело да му обезбеди храна на еден човек за еден ден“. Меѓутоа, домородното население ја дополнувало својата исхрана со грав, обичај што во Латинска Америка се задржал до ден-денес.

Европејците ја откриле пченката во 1492 год., откако истражувачот Кристофер Колумбо пристигнал на Карибите. Неговиот син Фердинанд напишал дека татко му видел житно растение „што луѓето го нарекуваат пченка и е многу вкусно кога ќе се свари или ќе се испече, а може и да се сомеле и од него да се направи брашно“. Колумбо понел семе во својата земја и „до средината на 16 век“, како што пишува Кастнер, „[пченката] растела не само во Шпанија туку и во Бугарија и Турција. Трговците со робови ја однеле и во Африка... Морнарите на [Шпанецот со португалско потекло, Фердинанд] Магелан однеле од ова мексиканско семе на Филипините и во Азија“. Така пченката станала многу популарна.

Во денешно време, пченката е втора најодгледувана житна култура во светот, веднаш по пченицата. Оризот е на третото место од житните растенија. Овие три основни прехранбени продукти се главна храна за човекот, а да не зборуваме за добитокот.

Има многу подвидови пченка, како што е случај и со другите тревни растенија. Всушност, само во САД има повеќе од 1.000 подвидови, вклучувајќи ги и хибридните сорти. Стеблата достигнуваат најразлична височина, од 60 сантиметри до вртоглави 6 метри! И класовите се со најразлична должина. Некои се долги само 5 сантиметри, а други растат до неверојатни 60 сантиметри. Во една книга за латиноамериканската кујна стои дека некои сорти јужноамериканска пченка што се одгледуваат денес имаат огромни класови со елипсовидна форма и сплоснати зрна кои се големи околу 2,5 сантиметри“.

Пченката ја има и во најразлични бои. Освен жолт, класот може да биде и црвен, син, розов или црн. А понекогаш може да изгледа како да е прошаран со дамки или исцртан со пруги, во зависност од неговите зрна. Се разбира, ваквите разнобојни класови понекогаш се спасуваат од тенџерето затоа што стануваат прекрасни украси.

Сестрана намена

Пченките се групирани во шест главни подвидови: забовидна пченка, тврда пченка, мека пченка, шеќерна пченка, восочна пченка и пуклива пченка. Шеќерната пченка се одгледува многу ретко. Таа е блага поради еден метаболичен проблем, па затоа помалку шеќер се претвора во скроб. Во светот, повеќе од 60 отсто од реколтата служи за храна на стоката, а само 20-тина отсто се користи за исхрана на луѓето. Останатиот дел е наменет за потребите на индустријата или, пак, за семе. Се разбира, овие податоци се разликуваат од земја до земја.

Пченката има најразлична намена. Зрното или делови од него може да се најдат во сѐ — од лепила до мајонез, од пиво до хартиени пелени. Пченката си нашла свое место и во индустријата за гориво — иако тоа сѐ уште е предмет на полемика — и се користи во производството на етанол. Секако, приказната за ова чудесно и сестрано растение сѐ уште не е завршена.

[Фуснота]

[Рамка на страница 11]

Хибридна пченка

Во многу земји, земјоделците обично одгледуваат хибридни сорти пченка поради тоа што даваат побогат род. Хибридните сорти, најчесто забовидната пченка, се добиваат со контролирано вкрстување и одгледување на примероци што ги имаат пожелните карактеристики. Меѓутоа, земјоделците мора да купуваат семе секоја година. Зошто? Пченката што расте од семето на претходниот хибрид го нема истиот квалитет и дава помалку род.

[Слики на страница 10]

Во целиот свет има стотици видови пченка

[Извори на слики]

Со љубезна дозвола на Sam Fentress

Со љубезна дозвола на Jenny Mealing/flickr.com