Белешки
1. Што е Големиот Вавилон?
Од каде знаеме дека „Големиот Вавилон“ ги претставува сите лажни религии? (Откровение 17:5). Размисли за следново:
-
Дејствува во целиот свет. За Големиот Вавилон се вели дека седи на „мноштва и народи“ и дека „царува над земните цареви“ (Откровение 17:15, 18).
-
Не го претставува ниту политичкиот ниту трговскиот дел од овој свет. „Царевите на земјата“ и „трговците“ ќе продолжат да постојат кога Големиот Вавилон ќе биде уништен (Откровение 18:9, 15).
-
Го претставува Бог во погрешно светло. Големиот Вавилон е наречен блудница бидејќи тесно соработува со владите заради профит и други придобивки (Откровение 17:1, 2). Ги заведува сите народи и носи вина за смртта на многу луѓе (Откровение 18:23, 24).
Врати се на лекција 13, точка 6
2. Кога требало да се појави Месијата?
Библијата прорекла дека требало да поминат 69 седмици пред да се појави Месијата. (Прочитај Даниел 9:25.)
-
Кога започнал периодот од 69 седмици? Овој период започнал во 455 год. пр.н.е. Таа година, управителот Неемија дошол во Ерусалим за да го „обнови и повторно да [го] изгради“ (Даниел 9:25; Неемија 2:1, 5-8).
-
Колку долго траел периодот од 69 седмици? Во некои библиски пророштва, еден ден претставува една година (4. Мојсеева 14:34; Езекиел 4:6). Во таков случај, една седмица претставува седум години. Според тоа, периодот од 69 седмици од пророштвото на Даниел изнесува 483 години (69 x 7).
-
Кога завршил периодот од 69 седмици? Ако од 455 год. пр.н.е. изброиме 483 години, ќе дојдеме до 29 год. од н.е. a Токму во таа година Исус се крстил и станал проречениот Месија (Лука 3:1, 2, 21, 22).
Врати се на лекција 15, точка 5
3. Медицински постапки во кои е вклучена крв
Јеховините сведоци не прифаќаат трансфузија на крв, ниту даруваат крв. Но, во некои медицински постапки се користи крвта на самиот пациент. Некои од тие постапки не се прифатливи за христијаните, како на пример, однапред да се складира сопствената крв и потоа да се употреби при операцијата (5. Мојсеева 15:23).
Сепак, некои други постапки можат да бидат прифатливи, во зависност од совеста на поединецот. Во нив спаѓаат: правење крвна слика, хемодијализа, хемодилуција, користење на апарат за собирање на крвта од оперативното поле, односно селсејвер (cell-saver), користење на машина за срце-бели дробови и др. Секој христијанин мора самиот да одлучи како ќе се користи неговата крв во текот на некој медицински зафат или третман или, пак, за некое медицинско испитување. Различни доктори може да ги спроведуваат овие медицински постапки на делумно различни начини. Затоа, пред да прифати некој медицински зафат, третман или испитување, еден христијанин треба да дознае што точно ќе се прави со неговата крв. Размисли за следниве прашања:
-
Што ако дел од мојата крв се пренасочи надвор од моето тело и можеби за некое време се прекине нејзиниот тек? Дали совеста ќе ми дозволи сѐ уште да гледам на оваа крв како на дел од мене и да не барам таа да биде „истурена на земја“, односно отстранета? (5. Мојсеева 12:23, 24).
-
Што ако за време на некоја медицинска постапка ми извадат дел од крвта, ја преработат и повторно ми ја вратат во телото (или ми ја нанесат на раната)? Дали тоа ќе ја вознемири мојата библиски обликувана совест или, пак, би прифатил таков третман?
Врати се на лекција 39, точка 3
4. Одвојување од брачниот другар
Божјата Реч ги советува брачните другари да не се одвојуваат и јасно кажува дека, доколку се одвојат, ќе немаат право да стапат во брак со друго лице (1. Коринќаните 7:10, 11). Меѓутоа, има ситуации во кои некои христијани би можеле да одлучат да се одвојат од сопружникот, како што се следниве:
-
Намерна негрижа за потребите на семејството: Сопругот не сака да се грижи за материјалните потреби на семејството до тој степен што тие ги немаат ни основните работи за живот (1. Тимотеј 5:8).
-
Тешко физичко малтретирање: Едниот од сопружниците е толку насилен што го доведува во опасност здравјето, па дури и животот на другиот (Галатите 5:19-21).
-
Потполно спречување да му се служи на Јехова: Едниот брачен другар толку многу му се противи на другиот што потполно го спречува да му служи на Јехова или можеби на некој начин го присилува да ги прекрши Божјите заповеди (Дела 5:29).
5. Празници и прослави
Христијаните не учествуваат во празници и прослави кои Јехова не ги одобрува. Но, секој христијанин мора да одлучи како ќе постапи во такви прилики на темел на својата библиски обликувана совест. Да разгледаме неколку ситуации.
-
Некој ти честита празник. Можеш едноставно да му кажеш: „Фала“. Ако тоа лице сака да дознае нешто повеќе, можеш да му објасниш зошто не го славиш тој празник.
-
Твојот сопружник кој не е Јеховин сведок ти вели да одите на гости кај роднини за време на некој празник. Ако совеста ти дозволува да одиш, можеш однапред да му објасниш на твојот сопружник дека, доколку има некои пагански обичаи, ти нема да учествуваш во нив.
-
Твојот работодавач сака да ти даде бонус за време на некој празник. Дали треба да го одбиеш тој бонус? Не мора да значи. Дали ти го дава како подарок за празникот или, пак, во знак на благодарност поради тоа што си добар работник?
-
Некој ти дава подарок за време на некој празник. Тоа лице можеби ќе ти рече: „Знам дека не го славиш овој празник, ама сепак сакам да ти го подарам ова“. Можеби тоа го прави од искрени мотиви и само сака да ти покаже дека те цени. Од друга страна, дали имаш причина да сметаш дека тоа лице сака да види дали се држиш за своите верувања? Дали сака да те наведе да учествуваш во славењето на празникот? Откако ќе размислиш за овие работи, од тебе зависи дали ќе го земеш подарокот или не. Сакаме секогаш да носиме мудри одлуки за да зачуваме чиста совест и да му бидеме верни на Јехова (Дела 23:1).
Врати се на лекција 44, точка 1
6. Заразни болести
Ние ги сакаме луѓето и затоа многу внимаваме да не им пренесеме некоја заразна болест — без оглед на тоа дали имаме некоја ваква болест или, пак, се сомневаме дека сме се заразиле. Постапуваме на ваков начин бидејќи во Библијата стои следнава заповед: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ (Римјаните 13:8-10).
Како може да покажеме дека сме послушни на оваа заповед? Едно лице кое има заразна болест треба да избегнува физички контакти со другите, како на пример, ракување, гушкање или бакнување. Тоа лице не треба да се лути ако некој реши да не го викне на гости кај себе дома бидејќи сака да си го заштити семејството. Освен тоа, пред да се крсти, треба да му каже на координаторот на старешинството за својата состојба за да може крштавањето да се организира на начин со кој ќе се заштитат останатите кандидати за крштавање. Доколку постои можност едно лице да било изложено на некоја заразна болест, тоа би требало самоиницијативно да направи проверка на крвта пред да започне романтична врска. Кога внимаваме на овие работи, покажуваме дека живееме според библиското начело: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).
Врати се на лекција 56, точка 2
7. Деловни и правни спорови
Кога станува збор за финансиски работи, може да избегнеме многу проблеми доколку направиме писмен договор со другата страна, дури и ако се работи за наш соверник (Еремија 32:9-12). Сепак, помеѓу христијаните може да дојде до помали несогласувања во врска со пари или нешто друго. Таквите несогласувања треба да се решаваат брзо, насамо и на мирен начин.
Но, како треба да се решаваат некои посериозни спорови, како на пример, измама или клевета? (Прочитај Матеј 18:15-17.) Исус ни кажал три чекори кои треба да ги следиме:
-
Потруди се насамо да го решите проблемот. (Види го стих 15.)
-
Ако тоа не успее, разговарај со лицето во присуство на еден или двајца духовно зрели објавители од собранието. (Види го стих 16.)
-
Ако проблемот ни тогаш не се реши, обрати им се на старешините. (Види го стих 17.)
Во повеќето случаи, проблемите со нашите браќа не треба да ги решаваме на суд бидејќи тоа може да фрли негативно светло врз Јехова и врз собранието (1. Коринќаните 6:1-8). Сепак, понекогаш работите мора да се решат по судски пат, како на пример, кога станува збор за развод, старателство над дете, алиментација, отштета од осигурување, наследство оставено со тестамент или стечајна постапка. Христијаните кои мирољубиво ги решаваат таквите работи на суд не ги прекршуваат библиските начела.
Доколку станува збор за сериозно кривично дело, како на пример, силување, злоупотреба на дете, физички напад, голема кражба или убиство, христијанинот кој го пријавува ваквото злодело кај властите не ги прекршува библиските начела.
a Од 455 год. пр.н.е. до 1 год. пр.н.е. има 454 години. Од 1 год. пр.н.е. до 1 год. од н.е. има една година (бидејќи не постои нулта година). И од 1 год. од н.е. до 29 год. од н.е. има 28 години. Значи, тоа се вкупно 483 години.